2012



Четврток, 16 февруари 2012 година

МАКЕДОНИЈА - ЧЛЕНКА НА МЕХАНИЗМОТ ЗА ЦИВИЛНА ЗАШТИТА НА ЕУ

Република Македонија, на 10 февруари годинава, стана 32. земја-членка на Механизмот за цивилна заштита на Европската унија, со што станува дел од заедницата на европски народи кои заеднички работат за подобра превенција, подготвеност и реагирање во случај на катастрофи.

Минатата година беше склучен Меморандум за разбирање меѓу Дирекцијата за заштита и спасување на Република Македонија и надлежната служба за хуманитарна помош и цивилна заштита при Европската комисија.

Со приклучувањето кон Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, Република Македонија се поврзува со Европската мрежа за справување со катастрофи со што ќе се овозможи пристап до ресурсите за справување со најразлични природни катастрофи или катастрофи предизвикани од човечки фактор. Европската комисија управува со Механизмот, преку Центарот за мониторинг и информирање.

Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, кој е формиран во 2001 година, ја олеснува соработката при одговор на катастрофи помеѓу 32 европски држави (27-те земји членки на ЕУ, како и Хрватска, Македонија, Исланд, Лихтенштајн и Норвешка).

Отсега Република Македонија може да аплицира за финансиска поддршка од ЕУ за помош и да учествува во европските програми за обука и за зајакнување на капацитетите за примена на цивилната заштита. Преку овој Механизам, Република Македонија користеше помош во летото 2007, во справувањето со шумските пожари.

Членките на Механизмот имаат корист преку размена на знаења, најдобри практики и проток на информации, да обезбедат меѓусебна помош при катастрофи, но и да помогнат на други земји низ целиот свет. Придобивки од членството во Механизмот за цивилна заштита се:

 ·        националниот орган одговорен за цивилна заштита се поврзува со Центарот за мониторинг и информации на Европската комисија и со надлежните органи од другите земји членки преку заеднички систем за итна комуникација и информирање;

·        соработка со ЕУ и земјите членки на Механизмот, во обезбедување на помошта за цивилна заштита и интервенирање во случај на големи опасности и

·        вклученост во подготовката и извршувањето на програмите и проектите од заеднички интерес за земјите членки на Механизмот за цивилна заштита на ЕУ.

 

За повеќе информации на следниот линк:

http://ec.europa.eu/echo/index_en.htm

Click