2012



Вторник, 14 февруари 2012 година

НОВ СТАТУТ ЗА ЕВРОПСКА ФОНДАЦИЈА

Европската комисија на 8 февруари годинава претстави предлог-регулатива на Советот за статутот на европската фондација, со цел да се олеснат прекуграничните активности на фондациите од јавен интерес и да се олесни нивната поддршка во областа на јавните услуги во Европа. Според согледувањата на Комисијата, многу од фондациите се соочуваат со бројни пречки во случаите кога сакаат да работат надвор од националните граници. Меѓусебните разлики во националното право на земјите-членки честопати ги отежнуваат прекуграничните активности и создаваат повеќе трошоци.

Фондациите спроведуваат низа активности важни за европските граѓани и европската економија во бројни области, како: истражување, образование, здравствени и социјални услуги, култура и заштита на животната средина.

Со новиот статут ќе се формира единствена европска правна рамка - Европска фондација, која во основа ќе биде иста за сите земји-членки, а ќе постои паралелно со домашните фондации. Со статутот ќе се овозможи дополнителна опција за олеснување на работењето на фондациите, но истовремено на земјите-членки ќе им овозможи да направат избор и за опфатот и развојот на нивните национални правни рамки од соодветната област. Со новиот предлог, фондациите ќе имаат правен карактер и легален капацитет во сите земји-членки, а со тоа ќе се олесни нивното работење во Унијата.

Со статутот, покрај унифицирањето на правилата, ќе се обезбеди поголема правна сигурност и ќе се намалат трошоците за работа на фондациите. Граѓаните на ЕУ, благодарение на помалите трошоци, ќе имаат најголема корист, затоа што фондациите ќе може да спроведат повеќе ресурси во активностите за јавни услуги и да ги прошират активностите низ цела Унија. Економиите на земјите-членки ќе имаат полза од тоа што фондовите ќе бидат на располагање во повеќе области. Донаторите кои ќе даваат поддршка на европските фондации ќе имаат исти даночни олеснувања како кога би донирале во фондација во сопствената земја, а донирањето во странски фондации ќе биде поедноставено и со помалку трошоци.

Статутот на европската фондација беше објавен со Актот за единствен пазар (IP/11/469), во кој се истакнува придонесот на фондациите во финансирање на иновативни иницијативи од јавен интерес. Истовремено се повикува и на преземање на акции за надминување на потешкотиите со кои се соочуваат фондациите во ЕУ.

За повеќе информации на следниот линк:
http://ec.europa.eu/internal_market/company/eufoundation/index_en.htm

Click