2012



Понеделник, 21 мај 2012 година

НОВА ДИРЕКТИВА ЗА ЗАЈАКНУВАЊЕ НА ПРАВИЛАТА НА БАНКИТЕ

На состанокот на Советот за економски и финансиски прашања (ECOFIN), што се одржа на 15 мај годинава во Брисел, министрите за економија и финансии на Европската унија постигнаа согласност за зајакнување на правилата за финансискиот сектор преку воведување на нова директива за капитални побарувања.

Со директивата се зајакуваат условите за банките кои во иднина ќе мора да одржуваат поголем и поквалитетен капитал. Директивата е меѓу најважните елементи од одговорот на финансиската криза и за спречување од слични кризи во иднина. Здрав и добро регулиран банкарски сектор ја зајакува довербата на инвеститорите, потрошувачите и компаниите и претставува важен чекор за креирање на раст и вработеноста како и за излез на Европа од кризата.

Преговорите за оваа директива беа доста сложени бидејќи земјите-членки имаа различни предлози во врска со тоа колку треба да имаат дозволено отстапување од заедничките правила на ЕУ, со воведување на построги услови за банките. Данското претседателството со Унијата постигна балансирано решение со кое е можно отстапување во рамките на одредените граници и со заеднички мониторинг и координација кои се неопходни за заштита на внатрешниот пазар. 

Покрај построги правила за капиталот и ликвидноста на банките, директивата содржи и правила за добро корпоративно управување и за зајакување на условите и санкции кои ќе бидат на располагање на земјите-членки во случаи кога одредени банки ќе ги прекршат правилата.

Со овој чекор Европската унија ја превзема водечката улога пред другите големи глобални економии, во согласност со целите на Г-20 за спроведување на базелските стандарди за капитал и ликвидност. Советот сега може да ги започне преговорите со Европскиот парламент, со цел да се постигне конечен договор.

На средбата министрите усвоија и заклучоци по повод извештајот за 2012 година за стареење на населението во ЕУ кој покажува значителен пораст на старосната граница во членките на Унијата во однос на корисниците на пензија, здравствена нега и грижа за стари лица.

Исто така беше одржан и годишен дијалог со Хрватска како земја која се очекува да се приклучи на ЕУ на 1 јули 2013 година, и со земјите-кандидати за членство во ЕУ:  Република Македонија, Исланд, Црна Гора, Србија и Турција.  Во фокусот на дебатата беа претпристапните економски програми на земјите кандидати за периодот 2012-2014 година.

За повеќе информации на следниот линк:
http://eu2012.dk/en/NewsList/Maj/Uge-20/CRD4

Click