2012



Среда, 4 април 2012 година

НОВА ЕВРОПСКА РЕГУЛАТИВА ЗА ПОЕВТИН МЕЃУНАРОДЕН РОАМИНГ

Во рамките на Данското претседателство со Советот на Европската унија, на крајот на март годинава беше постигнат политички договор за нова регулатива за роамингот во Европската унија. Регулативата треба да обезбеди намалување на цените на мобилната телефонија, текстуалните пораки (SMS) и интернетот во ЕУ како и да обезбеди континуирана заштита на потрошувачите во Унијата против високите цени на роамингот до 2017 година.

Меѓународниот роаминг претставува скапа услуга во споредба со услугите кои потрошувачите ги добиваат во матичната земја. Високата цена на меѓународниот роаминг е предизвикана од недоволна конкуренција во областа. Рокот на важење на постојната регулатива истекува на 01 јули оваа година.

Со новиот договор за роаминг, цената за трансфер на податоци во 2012 година ќе се намали од околу 2.50 евра по МВ на помалку од 0,90 евра по МВ со вклучен ДДВ. Максималната цена на роамингот во 2014 година треба да биде 0,25 евра по МВ. Исто така корисниците ќе имаат можност да се претплатат за користење на услугата за роаминг без да извршат промена на мобилниот број. На подолг рок, ова решение ќе придонесе за создавање на вистинска конкуренција на европскиот пазар за мобилни услуги.

Со регулативата се наметнува ограничување на цените на мобилните оператори кои  наплаќаат за повици, текстуални пораки (SMS) и користењето на интернет во ЕУ. Целта на новата регулатива за роаминг е да се обезбеди заштита на потрошувачите кои патуваат надвор од ЕУ и зајакнување на конкуренцијата во областа. За европските потрошувачи и компании ќе се обезбеди значително поевтинување на цените на мобилната телефонија и широкопојасниот интернет при користењето на услугите во другите земји-членки на ЕУ.

Договорот ќе треба да биде одобрен од страна на Европскиот парламент и Советот на министри, при што се очекува новата регулативата да стапи во сила на 30 јуни годинава.

За повеќе информации на следниот линк:
http://eu2012.dk/en/NewsList


 

Click