2012



Четврток, 29 март 2012 година

ОДБЕЛЕЖАН СВЕТСКИОТ ДЕН НА ВОДАТА

На 22 март годинава беше одбележан Светскиот ден на водата. Генералното собрание на ОН, во1993 година го прогласи 22 март за одбележување на Светскиот ден на водата. Оваа година во фокусот е значењето на водата за пиење и застапеноста на одржливо управување на ресурсите на вода за пиење.

На Светскиот форум за води беше потпишана декларација од страна на повеќе од 100 делегации од различни земји. Главните цели на декларацијата се: пристап до чиста вода за пиење и лична хигиена, достапни ресурси на вода за производство на храна и енергија, интегрирање на политиките, соработка и национално и меѓународно финансирање.

Со Декларацијата се предвидува преземање на акции со цел да се избалансира отежнатото снабдување и распределба на водата, справување со недостатокот на вода во време на климатски промени и обезбедување одржливост на водените еко-системи.

Европската комисија ги поддржува истражувањата за одржливоста на водените ресурси преку посебни програми. Преку Седмата рамковна програма (2007-2013) одобрени се околу 90 програми за вода и инвестиции од над 300 милиони евра. Тука се вклучени и истражувања во нанотехнологии за третманот на водата, како и неколку проекти и активности за подобрување на користењето на водата во земјоделството, производството на храна и биомаса.

На конференцијата беше изразено очекување дека декларацијата ќе биде искористена од страна на сите засегнати страни за да се пренесе порака на Конференцијата Рио+20 која ќе се одржи во јуни годинава. Ова ќе претставува одлична можност водата да се стави на врвот на националните и меѓународните агенди.

Целите на декларацијата се комплементарни со европските политики и во иста насока со целите на Унијата за: вода, зелена економија, имплементацијата на Договорите од Рио, подобрување на управувањето со водите и меѓународната соработка.

И покрај посветеноста на ова прашање во изминатите неколку декади, Европската унија сè уште се соочува со сериозни проблеми со квалитетот и количината на водата.

Декларацијата содржи насоки кои ќе бидат земени во стратешкиот документ за заштита на водените ресурси на Европа, кој ќе ги унапреди препораките за ЕУ политиката за чиста вода кон крајот на годинава. Документот има за цел да ги идентификува моменталните недостатоци, како и идните приоритети, да го зајакне развојот на политиката за вода до 2020 година, користејќи анализи кои ја интегрираат економијата и политиката на климатски промени до 2050 година.


Повеќе информации за Светскиот ден на водата на следниот линк:
http://www.unwater.org/worldwaterday/about.html

Click