2012

Вторник, 29 мај 2012 година

ПОГОЛЕМА ЗАШТИТА НА ПОТРОШУВАЧИТЕ ВО ЕВРОПСКАТА УНИЈА

Новата eвропска агенда за потрошувачите што беше усвоена од Европската комисија на 22 мај годинава, претставува голем чекор напред. На единствениот пазар долго време се гледаше само како на пазар на компаниите, сега потрошувачите се ставени во центарот на вниманието на единствениот пазар.

Законодавството на Европската унија предвидува правила за обезбедување на заштита на потрошувачите при склучување на договори преку компјутер, во продавница, продажба на далечина, како и во прекугранични случаи. Со Директивата за правата на потрошувачите усвоена во минатата година, уште повеќе се зајакнуваат правата на on-line потрошувачите, не е дозволено наплатување на скриени трошоци како и интернет трошоци, а сите потрошувачи во ЕУ имаат рок од 14 дена да се откажат од договорите склучени преку интернет. Земјите-членки на Унијата имаат рок за имплементација на Директивата, до 2014 година.

Со цел да се одговори на предизвиците, Комисијата предлага да се развие посеопфатен пристап за заштита на потрошувачите. Исто така, со предложената реформа за заштита на личните податоци значајно ќе се зајакне и заштитата на правата на потрошувачите.

Со подобрувањето на системот на заштита ќе се зголеми довербата кај потрошувачите и истовремено ќе помогне за конкуренцијата и економскиот раст. Во следните две години, стратегијата за зајакнување на довербата на потрошувачите и зголемување на растот ќе се насочи кон следното:

  • подобрување на безбедноста на потрошувачите преку ефикасни закони и поефективен мониторинг на пазарот,
  • зголемување на достапноста на информациите за купувачите,
  • напредок во спроведувањето на надоместокот на штета при лоша продажба и
  • усогласување на правата на потрошувачите со општествените промени.

Правата на потрошувачите треба да се воведат во ерата на дигитализацијата, особено имајќи во предвид дека на пазарот сè повеќе се појавуваат нови софистицирани производи и услуги.

Стратегијата ќе се фокусира на зајакнување на заштитата на потрошувачите и безбедноста при купување на храна, патување, избор на енергетски добавувач и др. Комисијата веќе предложи 16 мерки за е-трговија и онлајн (on-line)услуги, со цел двојно да ја зголеми продажбата до 2015 година.

Click