2012



Четврток, 05 април 2012 година

ПРЕДЛОГ НА ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ЗА ОСНОВАЊЕ НА ЕВРОПСКИ ЦЕНТАР ЗА СПРАВУВАЊЕ СО КОМПЈУТЕРСКИ КРИМИНАЛ

Интернетот денес претставува интегрален и неопходен дел од општеството и економијата. Со зголемувањето на електронските бизнис трансакции, се зголемуваат и криминалните активности. Околу еден милион луѓе во светот секојдневно се жртви на компјутерски криминал: преку кражба на онлајн идентитет, измами со кредитни картички, компјутерски измами, сексуална експлоатација на деца преку интернет, кражба на веб-сметки, компјутерски напад на јавни или приватни информатички системи. Компјутерскиот криминал е во континуиран пораст, секојдневно околу 600.000 сметки на фејзбук (Facebook) заради хакерски напади има потреба да се затворат. Во Белгија интернет криминалот пораснал од околу 4.000 случаи во 2008 до околу 7.000 случаи во 2010 година, а измамите со банкарски сметки во Велика Британија за перидот 2008 -2009 година пораснале за околу 200%.

Во Европската унија покренати се повеќе иницијативи за борба против компјутерскиот криминал, како што се Директивата 2011/92/ЕУ на Европскиот парламент и Советот за борба против сексуална експлоатација на децата преку интернет и детска порнографија и Предлог-директива за напади врз информатички системи што се фокусира на казни за експлоатација на компјутерски криминални алатки што треба да се донесе оваа година. Главен правен инструмент во борбата против компјутерскиот криминал е Конвенцијата на Советот на Европа од ноември 2001 година позната како Конвенција од Будимпешта.

И покрај превземените иницијативи и мерки, сепак постојат препреки за ефикасна истрага на компјутерскиот криминал и судско гонење на прекршителите на ниво на ЕУ. Ова од аспект на постоење на судски прекугранични ограничувања, недоволни капацитети за размена на разузнавачи информации, технички потешкотии за откривање на сторители на компјутерски криминал, недостиг на обучен кадар и неконзистентна соработка меѓу други заинтересирани страни одговорни за компјутерска безбедност.

Со цел да се одговори на предизвиците, Европската комисија предложи формирање на  Европски центар за справување со компјутерски криминал, како приоритет од Стратегијата за внатрешна безбедност во која е предвидено дека " Европската унија до 2013 година ќе основа Центар за справување со компјутерски криминал, преку кој земјите-членки и институциите на ЕУ ќе можат да изградат оперативен и аналитички капацитет за истраги и соработка со меѓународните партнери".

Европскиот центар за справување со компјутерски криминал ќе ги има следните цели и задачи:

  • ќе претставува европски центар (фокусна точка) во кој ќе се собираат сите информации поврзани за компјутерски криминал;
  • ќе обезбедува експертизи од областа на компјутерскиот криминал, за поддршка на земјите-членки во градење на капацитетите;
  • ќе обезбедува поддршка на земјите-членки во истрагите за компјутерски криминал,
  • ќе претставува колективен глас на европските инспектори за компјутерски криминал преку примената на правото и судството.

Европскиот центар за компјутерски криминал треба да биде дел од Еуропол со седиште во Хаг, во рамките на неговите постојни структури. Центарот ќе користи информации од јавниот сектор, индустријата, полицијата и академските институции со цел да им помага на инспекторите за компјутерски криминал, судиите и обвинителите.

Европската комисија ги повикува Советот и Европскиот парламент да дадат поддршка на  предлогот за формирање на Центар за справување со компјутерски криминал и ги охрабрува сите релевантни засегнати страни да дадат свој придонес за негов развој.

За повеќе информации нa следниот линк:
http://ec.europa.eu/information_society/newsroom

Click