2012



Среда, 4 јануари 2012 година

ПРИОРИТЕТИ НА ДАНСКОТО ПРЕТСЕДАТЕЛСТВО СО СОВЕТОТ НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА

Данското претседателство со Советот на ЕУ во првата половина на 2012 ќе се стреми да спроведе отворено, пристапно и професионално претседателство посветено на постигнување на резултати во рамките на одговорностите на ротирачко претседателство со Советот, уредено со Лисабонскиот договор. Данското претседателство во тесна соработка со Европскиот парламент, Европската комисија, претседателот на Европскиот совет и Високиот претставник за надворешни работи и безбедносна политика, ќе се фокусира на следните главни области со цел да се постигне следното:

  • Одговорна Европа
    Високо на агендата на Данското претседателство ќе бидат економската и финансиската состојба и евидентната должничка криза во Европа. Одлуките на Европскиот совет од 9 декември 2011, за зајакнување на финансиската дисциплина и обезбедување на економска стабилност, ќе бидат имплементирани во следните месеци. Целта на овие одлуки е во линија со целта на Данското претседателство  да обезбеди одговорна Европа. Исто така ќе биде значајна имплементацијата на посилни финансиски регулативи. Преговорите за идната повеќегодишна финансиска рамка по 2013 година, ќе бидат уште една голема задача на Данското претседателство. Позицијата на Претседателство е дека буџетот на ЕУ претставува важен механизам за финансирање на заедничките политики на ЕУ со цел да се обезбеди раст, работни места и конкурентност. Во исто време, буџетот на ЕУ треба да ги поддржи напорите за целокупно буџетско консолидирање во ЕУ и земјите-членки.
  • Динамична Европа
    Втората цел на Данското претседателство е да се продолжи со развојот на Единствениот пазар за да се постигне во целост потенцијалот за раст. Единствениот пазар во 2012 одбележува 20 години од постоењето. Претседателство има намера да ги унапреди дванаесетте иницијативи поставени со Актот за единствен пазар. Особено внимание ќе се посвети на директивите за јавни набавки, пакетот за стандардизација, ревизијата на сметководствените стандарди, ризичните капитални предлози, Европскиот заеднички систем на патенти и зајакнување на директивите за работни односи. Ефикасни транс-европски инфраструктури се клучни за непречено работење на Единствениот пазар, за мобилноста на лица и добра како и за економијата, социјалната и територијалната кохезија во ЕУ. Оттука, преговорите за поврзување на Европа и ревизијата на секторските насоки ќе бидат значајни прашања како придобивка за добро функционирање на транспортот, енергетиката и ИКТ мрежите низ Европа. Иднината на Рамковната програма за истражување и иновации - Хоризонт 2020, ќе биде уште една област на интерес на Претседателството, со цел зајакнување на истражувањата и иновациите во Европа.
  • Зелена Европа
    Економскиот раст и заштитата на животната средина може и мора да одат рака под рака. Европската унија се позиционираше како глобален лидер во областа на животната средина, енергетиката и климатските промени, но потребни се дополнителни напори за да се одржи стекнатата предност. Во контекст на актуелните економски потешкотии, новите балансирани мерки поврзани со енергетиката, климатските промени и животната средина може да придонесат за потребниот раст и вработувањата во Европа.
    Со цел да се оствари придонес во исполнувањето на Европската цел за 20% заштеда на енергија до 2020 година, Данското претседателство ќе се фокусира на предлогот на новата директива за енергетска ефикасност, следствено на Европскиот план за енергетска ефикасност од 2011. Данското претседателство ќе се посвети на воспоставување на долгорочна стратегија во енергетиката и климатските промени до 2050 година. Други важни прашања ја вклучуваат енергетската инфраструктура и предлози за воспоставување на механизам за размена на информации од областа на енергетиката, Седмата акциска програма за животна средина и подготовки за Конференцијата на ОН за одржлив развој-РИО+20.
  • Безбедна Европа
    Европската соработка е клучна со цел справување со прекуграничните предизвици на глобализираниот свет, осигурување на безбедност и исполнување на интересите на граѓаните на Европа. Продолжувањето на имплементацијата на Стокхолмската Програма (2010-2014) ќе биде клучна задача во областа на правдата и внатрешните прашања. Заради подобро управување со миграцијата од трети земји, Данското претседателство ќе продолжи со напорите за финализирање на Заедничкиот Европски систем за азил (СЕАЅ) пред крајот на 2012 година. Претседателство ќе вложи напори за зајакнување на Шенгенскиот систем, меѓу другото и преку безбедносна клаузула во визната регулатива и воспоставување на шенгенска евалуација и механизам за мониторинг.
    Со воспоставувањето на позицијата Висок претставник за надворешни работи и безбедносна политика како и Надворешната Европска акциска служба (ЕЕАЅ), Лисабонскиот договор ѝ овозможува на ЕУ значајна база за постигнување на зголемено глобално влијание. Намерата на Данското претседателство е да го поддржи Високиот претставник и ЕЕАЅ во исполнување на задачите од Лисабонскиот договор.
    Во поглед на проширувањето, Данското претседателство ќе продолжи со политиката заснована на заслуги како основа за напредок во преговорите. Европската соседска политика претставува важен инструмент за обезбедување на добри и трајни врски со земјите од соседството на Унијата.

За повеќе информации на официјалната веб-страница на Данското претседателство:
http://eu2012.dk/en

Click