Собраниско раководство

Недела, 16 септември 2018 година

Обраќање на претседателот Џафери на Маршот „За европска Македонија“

Почитуван премиер Заев, 
Почитувани граѓани, 

Денес сме тука заедно за да испратиме силна порака за неопходноста од овој процес, што се очекува да се круниса со референдумот од 30-ти септември, кога нашата свест како граѓани, меѓутоа и како родители и соседи ќе има поцелосна смисла, затоа што нашата заедничка татковина – Македонија, конечно ќе се вброи во семејството на цивилизирани народи, како во политички и економски аспект, исто така и во безбедносен аспект.

Заедно со премиерот Заев, ние денес јавно го изразуваме нашето убедување дека 30-ти септември е пресвртница која на нашето патешествие како држава му дава поголема динамика, меѓутоа тоа немаше да биде можно да се реализира без меѓународна афирмација на нашите искрени напори да станеме и ние дел од глобалните процеси на безбедноста и економската и социјалната благосостојба. 

Граѓаните на Македонија треба да го одбележат 30-ти септември како празничен ден во календарот, затоа што ние како општество и како држава, влегуваме во нова ера, ера во која хуманите вредности се појдовна точка на сите развои, како на локален план, така и на меѓународен план. Овие денови имавме многу гости од разни одлучувачки центри и очекуваме и во следните денови да бидеме во фокусот на нашите меѓународни пријатели. Дали можеме да ги затвориме очите пред ова толку интензивно интересирање на светската дипломатија и кој меѓу нас може да го оспори придонесот на актуелната политичка класа во иницирањето на нашите прашања што се поврзани директно со иднината на нашата земја.

Надминувањето на спорот со Грција и подобрувањето на климата за соработка со сите соседи, беше и ќе биде приоритет на нашите долгорочни политики, додека референдумот што се очекува да се одржи на 30-ти септември, ги потврдува нашите напори за нова политичка филозофија за недоразбирањата од минатото, да ги претвориме во мостови на соработка и разбирање со соседите. 
Република Македонија е продукт на соживотот на историските околности помеѓу народите што имаа одлучено да живеат токму тука, и нашите генерации, каде припаѓаме јас и премиерот Заев, сме свесни за заедничките напори за нашата држава да ги надмине сите внатрешни предизвици меѓутоа, и да ги отфрлиме сите уцени од надвор, со цел еден ден, да излеземе пред цивилизираниот свет што подостоинствени. И тој ден доаѓа. Со референдумот имаме голема шанса за потврдување на нашата мудрост за посветла иднина, додека сите тие што се уште се двоумат, им велиме приклучете се на големиот победнички карван на европската кауза, затоа што тоа е единствената кауза која носи повеќе стипендии за нашите деца, повеќе пензии за нашите стари, повеќе приходи за нашите работници и дефинитивно, поголема перспектива и развој.     Ако во оваа земја, наша заедничка држава, уште од независноста, во различни периоди имало прашања што не делеле или пак сме имале различни ставови, членството во НАТО и ЕУ, ќе биде кохезијата, не само меѓуетничката туку и меѓупартиската, меѓуопштествената и меѓуверската кохезија за заедничка перспектива. 

Затоа, полноправното членство во НАТО и ЕУ биле, се и ќе останат наша стратешка определба, определба за која секогаш, сите граѓани, сите политички чинители кои ја уживале довербата на граѓаните, без оглед на разликите, секогаш биле сплотени и едногласни. Во изминатиот период, постигнувањето на посакуваната цел се чини како да постојано ни се измолкнуваше од рака, се чинеше блиску, за потоа повторно да исчезне од хоризонтот. Меѓутоа, сега е дојдено вистинското време сите заедно, масовно, храбро, да тргнеме на ова заедничко патување кое ќе не доведе до посакуваната цел, затоа што таа сплотеност не прави да ја чувствуваме поблиску силата на глобалните интеграции, каде ние како држава, како граѓани, со сите наши вредности, особености и тежнеења, треба секако да бидеме присутни.  Велам дека сега е дојдено време за реализација на овој речиси 30 годишен ангажман за членство во НАТО и ЕУ. Актуелната власт, со јасно реформаторски курс и сите државни институции работат во духот на препораките и сугестиите на Европската Унија, со цел на крајот на јуни следната година да бидеме подготвени за затворање на сите поглавја за членство во ЕУ. 

Меѓу земјите што се надеваат на членство во Европската Унија, Македонија е со најголеми можности. Како што ви е познато, Македонија во рок од една година се очекува да го заврши процесот за процена на исполнувањето на реформите, или пак како што се нарекува поинаку процесот на скрининг, односно овој процес треба да заврши пред почетокот на преговорите за членство на земјата во ЕУ, во јуни идната година. И многу сум свесен дека ќе успееме заедно, не само со масовно излегување на гласање ЗА, туку и преземајќи врз себе одговорност со цел преку скринингот да се контролира и нивото на подготвеност на нашата земја за водење преговори. 

Компромисот со Грција и членството во ЕУ и НАТО ја детерминира државноста на Македонија, меѓутоа и идентитетот на Македонците кој некои од соседите неретко се обидувале да го оспорат и ги обесхрабрува сите оние сили и поединци кои тежнееја да ја држат Македонија вклештена во митовите од минатото. Смелоста да се дојде до компромис е и границата која ги разграничува политичарите на такви кои се хранат со митови и легенди и на такви кои се борат за европската кауза. И ние како политичка формација, природно се наредивме зад европската кауза, длабоко убедени дека само Европска Македонија ги прави среќни сите. Длабоко сум убеден дека ние ќе бидеме уште посреќни по 30-ти септември, а часовникот на историјата ќе тропне и на совеста на оние што без некоја рационална причина се двоумат да кажат Да на евроинтеграциските процеси на земјата. Ние можеме да разбереме некој политичар од минатата власт, кој поради лични причини е против овие позитивни процеси меѓутоа, ќе биде непростливо заложник на овие лица да бидат уште повеќе луѓе. Затоа, тука сме да ги охрабриме нив да дојдат со нас, затоа што така ќе го направат вистинскиот избор. Тие ќе изберат перспектива наместо изолација, ќе изберат развој наместо стагнација и дефинитивно, ќе изберат да живеат во држава која многу брзо ќе биде под чадорот на колективните вредности на безбедност и економски и социјален просперитет.  

Одлуката да се каже ДА на иднината е во наши раце. Во текот на историјата народите, вклучително и Македонија и народите во неа, не можеле слободно да одлучуваат за својата судбина. Сега имаме шанса. Сега го имаме Референдумот и одлуката да кажеме да на евроатланските интеграции, надминувајќи го повеќедеценискиот спор со Грција, одлука што се донесува ретко меѓутоа што е камен темелникот кој ја стабилизира нашата заедничка иднина. 

Нашата земја заслужува да ги доживее ефектите што ги носи евроинтеграцискиот процес, додека сите ние заедно, заслужуваме да бидеме сопатници во овој процес. Бројни се причините што ме тераат да мислам вака, но ќе спомнам само три од нив: 

  • Прво – само во држава што е членка на ЕУ и НАТО се негуваат цивилизациските вредности на културниот, етничкиот и верскиот соживот. 
  • Второ – само во држава што е членка на ЕУ и НАТО, никој не смее да го оспори етничкиот, јазичниот и верскиот идентитет. 
  • Трето – само во држава што е членка на ЕУ и НАТО, сите тешкотии се надминуваат преку колективната солидарност. 

Ве поканувам да прославиме вечерта на 30-ти септември и да им подариме на генерациите по нас достоинствена Татковина, Татковина која нема проблем ниту со историјата, ниту со географијата, Татковина која е заедничка и рамноправна за сите.  

Мојот избор е, гласам ЗА европска Македонија!

Ви благодарам на сите!

Click