Собраниско раководство

Четврток, 10 јуни 2021

Средба на претседателот Џафери со Делегација на Врховната Рада на Украина

Денеска, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, оствари средба со копретседателот и Делегацијата од Пратеничката група за меѓупарламентарни односи со Република Северна Македонија на Врховната Рада на Украина, г. Валериј Зуб. Покрај него, во составот на Делегацијата беа и Максим Перебијнис, претседател на Поткомитетот за здравствена заштита, Дмитро Наљотов, претседател на Поткомитетот за туризам и одморалишта, Ростислав Палагусинец, заменик на раководителот на Одделот на Кабинетот за обезбедување на меѓупарламентарни односи, и други членови.

Претседателот Џафери откако им посака топло добредојде на членовите на Делегацијата и изрази задоволство за оваа возвратна посета, во ова време погодено со пандемија и строги мерки на претпазливост, што е доказ и потврда дека кога се има волја, се може да се надмине, потврди дека билатералната соработка меѓу нашите две земји е на задоволително ниво и без отворени прашања. Покрај тоа, соработката на ниво на парламентарните собранија на НАТО, ОБСЕ, Совет на Европа и други меѓународни организации е со меѓусебна поддршка. Претседателот Џафери, исто така, потенцираше дека Република Северна Македонија го поддржува украинскиот територијален интегритет и суверенитет и редовно се придружува кон изјавите на ЕУ во врска со осудата на анексијата на Крим. Во продолжение, претседателот изрази благодарност и за поддршката на нашата кандидатура за претседавање со ОБСЕ во 2023 година. Својот збор го заокружи со истакнување на потребата од продлабочување на економската соработка и проширување  во сите други сфери од заемен интерес.

Г. Зуб се заблагодари на можноста за средба со Претседателот на Собранието и ги претстави членовите на Делегацијата кои доаѓаат од различни области што е индиција за интересот од воспоставување на соработка во различни сфери, и затоа во рамките на посетата се предвидени и средби со министри во Владата на Северна Македонија со цел да се иницира и потпишување на спогодби и меморандуми за соработка. Тој се заблагодари за поддршката што Република Северна Македонија ја дава на Украина за Кримското прашање, и замоли, со оглед на нивниот интерес да станат полноправна членка на НАТО, таа поддршка да биде и во таа насока. 

На крајот, претседателот Џафери ја повтори поканата за посета на претседателот на Врховната Рада на Украина  во Република Северна Македонија на што г. Зуб одговори дека со задоволство ќе ги пренесе поздравот и поканата. 

Click