Неформални групи

Среда,15 септември 2021

ЛОЛИТА РИСТОВА НА КОНФЕРЕНЦИЈА „ЖЕНИТЕ ВО НАДВОРЕШНАТА ПОЛИТИКА“

Претседателката на Клубот на пратенички, Лолита Ристова денес учествуваше на панелот „Улогата на парламентите во унапредувањето на родовата еднаквост“ во рамките на КОНФЕРЕНЦИЈА „ЖЕНИТЕ ВО НАДВОРЕШНАТА ПОЛИТИКА во организација на Министерството за надворешни работи. Конференцијата беше под покровителство на Првата дама на Република Северна Македонија. Целта на оваа конференција беше да се создаде платформа за размена на гледишта за актуелни прашања поврзани со родовата еднаквост преку учество на високи политички претставници, експерти и дипломати од регионот, претставници на меѓународните организации и на граѓанското пштество. 

Претседателката на Клубот, Ристова во своето обраќање истакна дека Република Северна Македонија е дел од сите важни меѓународни политики за родови прашања. Конкретно во поглед на родовата еднаквост во политичкото учество, земјата воведе родова квота во Изборниот законик, а даде краток осврт на сите закони кои Собранието ги разгледуваше изминатиот период од родов аспект. Таа посочи дека етичкиот кодекс на Собранието, усвоен во 2018 година, обезбедува добра основа за адресирање на случаите на дискриминација врз основ на родот, вознемирување и сексуално вознемирување, вклучително и санкции. Исто така потенцираше дека вклучувањето на родовите аспекти во процесот на донесување на закони, надзорот и претставничката улога се од огромна важност особено поради улогата на Собранието да врши проценка на родовото влијание, родово-сензитивното буџетирање и изработката на годишните планови за надзор на законите за родова еднаквост.

Во текот на своето излагање Ристова ги сподели заложбите при формирањето на работните тела, делегациите и пратеничките групи за соработка на Собранието на РСМ треба да се обезбеди родово-балансиран состав. Во овој парламентарен мандат од 120 пратенички, 48 се жени (40%). Само една собраниска комисија, а тоа е Законодавно правната комисија има балансиран состав на членови, жени и мажи од вкупно 21 комисија. Пет пратенички се претседателки на собраниски комисии, а само две комисии истовремено имаат жени и заменички претседателки. Во составот на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите за жал нема ниту еден член, пратеник. Во однос на делегациите и пратеничките групи за соработка во овој мандат имаме три делегации без ниту една жена во составот, потоа две делегации со балансирано учество на жените и мажите од вкупно 10, додека 14 пратенички се претседателки на пратеничките групи за соработка, кои во нашето Собрание ги има вкупно 50.


"Успешен ден за зајакнување на улогата на жената во општеството. Со организацијата на првата конференција "Жени во надворешна политика", Министерството за надворешни работи ја нагласи потребата од актуелизирање на прашањето за родова еднаквост и поголема вклученост на жената во процесот на донесување одлуки во земјава. Ја креиравме првата Мрежа на жени дипломати од Западен Балкан 6, со амбиција истата да се прошири и на Регионот од Југоисточна Европа. Продолжуваме со истиот ентузијазам да се залагаме за надминување на родовите разлики и во текот на утрешните сесии" – истакна заменичката министерка за надворешни работи Фатмире Исаки.

Click