Неформални групи

Петок, 29 јануари 2021 година

Онлајн состанок на тема: „Јакнење на лидерството на жените во време на глобална здравствена криза“

Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, заедно со Клубот на пратенички и Комисијата за европски прашања, денеска, одржa состанок со европратеници од Комисијата за права на жените во Европскиот Парламент. 

Темата на состанокот беше „Јакнење на лидерството на жените во време на глобална здравствена криза.“ 

Собранието на Република Северна Македонија е ставено прво за ваква средба, пред останатите парламенти од Западен Балкан. Иницијатори на овој состанок беа европратеничката Франсис Фицџералд, која е известувач во Европскиот Парламент за резолуцијата „Родовата перспектива за време на кризата предизвикана од Ковид 19 и посткризниот период“ и европратеникот Владимир Билчик, одговорен за координирање на активностите за поддршка на демократијата во Западен Балкан.

На состанокот земаа учество претседателките на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите и Клубот на пратенички, Гордана Сиљановска Давкова и Лолита Ристова, Арта Билали Зендели, заменик-претседателка на Комсијата за европски прашања и пратеничките Маја Морачанин, Марија Петрушевска, Снежана Калеска Ванчева и Жаклина Пешевска.

Учесниците дискусијата ја насочија во клучните области на кои треба да се фокусираат членовите на парламентите за време на кризата. Европратениците го поздравија носењето на Законот за спречување и зааштита од насилство врз жените и семејно насилство, особено поради фактот што истиот е донесен со консензус. Тие се интересираа во кој правец се одвивала дискусијата при носењето на законот, како тој ќе помогне во реалниот живот, но и дали во дискусијата активно учествуваа мажите пратеници. 

Пратеничките ги информираа и за носењето на Законот за спречување и заштита од дискриминација, за изборот на членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и Народниот правобранител. 

Исто така учесничките се осврнаа и на родовото одговорно буџетирање, парламентарниот надзор од родов аспект, потребата за воведување на квотите за извршната власт и изборот на градоначалниците, говорот на омраза насочен кон пратеничките и родовото сензибилирање на колегите пратеници. 

Европратеничката Франсис Фицџералд даде краток осврт на резолуцијата и ја истакна важноста од вклучувањето на жените во одлучувањето поврзани со здравствената, но и климатската криза. 

На крајот таа додаде дека правата на жените се човекови права, а обврска и должност на пратеничките и пратениците е да се осигура почитувањето на човековите и женските права. 

Европратениците ја истакнаа и важноста од постоењето на критична маса по овие прашања и зголемувањето на бројот на жени на високи одлучувачки позиција и се заблагодарија за конструктивниот состанок на кој имаа можност детално да се информираат за развојот на настаните во оваа област во Република Северна Македонија. 

Click