Совети



Врз основа на член 68 став 1 алинеја 12 и став 2 од Уставот на Република Македонија, Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на 19 ноември 2007 година, донесе

ОДЛУКА ЗА ОСНОВАЊЕ НАЦИОНАЛЕН СОВЕТ
ЗА ЕВРОИНТЕГРАЦИИ


Член 1

Се основа Национален совет за евроинтеграции (во натамошниот текст: Совет) во функција на засилување на активностите и одговорностите на сите надлежни државни и на другите органи и институции во обезбедувањето заедничка согласност и координирано дејствување во процесот на добивање членство на Република Македонија во Европската унија.

                 Член 2

Советот:
-го следи и оценува текот на активностите за добивање членство на Република Македонија во Европската унија;
 -дава мислења и насоки во врска со подготовките за започнување на прeговорите за добивање членство на Република Македонија во Европската унија;
-дава мислења и насоки за преговарачките позиции на Република Македонија;
-разгледува информации за процесот на преговарањето;
-дава мислења за прашањата кои ќе се отворат во текот на преговарањето;
-ги разгледува и ги оценува активностите на одделни членови вклучени во преговарачките тимови;
-одржува, преку претседателот на Советот постојани консултации и размена на информации со претседателот на Република Македонија, претседателот на Владата на Република Македонија и претседателот на Собранието на Република Македонија;
-одржува постојани консултации со шефот на преговарачкиот тим и министерот  за надворешни работи;
-по потреба дава мислења за усогласување на законодавството на Република Македонија со правото на Европската унија и
-најмалку два пати годишно го известува Собранието на Република Македонија за својата работа.

Член 3

Советот има 17 членови, и тоа: четири члена од редот на пратениците кои се во позиција, четири члена од редот на пратениците кои се во опозиција, а членови по функција се: претседателот на Комисијата за европски прашања, претседателот на Комисијата на надворешна политика и копретседателот на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ - Република Македонија.
За членови на Советот се именуваат: заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за евроинтеграции и по еден претставник од Кабинетот на претседателот на Република Македонија, претставник од Кабинетот на претседателот на Владата на Република Македонија, од Македонската академија на науките и уметностите, од Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Македонија и Здружението на новинарите на Македонија. Овие членови учествуваат во работата на Советот без право на одлучување.

Член 4

Претседателот на Советот се именува од редот на пратениците кои се во опозиција, а потпретседателот од редот на пратениците кои се во позиција.

Член 5

Во работата на Советот можат да учествуваат и: претседателот на Владата на Република Македонија, претседателот и потпреседателите на Собранието на Република Македонија, претседателот на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа, шефот на преговарачкиот тим, раководителите на преговарачките групи за одделни поглавја за кои се расправа, претседателите на работните тела на Собранието на Република Македонија, координаторите на пратеничките групи, претставници на стопанските комори, синдикатите, верските заедници, граѓанската платформа на Македонија и научни и стручни работници по одделни области битни за процесот на преговарањето и други.

Член 6

Седниците на Советот се јавни.

Советот може да одлучи да работи без присуство на јавноста, под услови утврдени со деловникот на Советот.

Член 7

Советот донесува деловник за својата работа.

Член 8

Стручните и административните работи за потребите на Советот ги врши Службата на Собранието на Република Македонија и на Секретаријатот за европски прашања.

Член 9

Оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во "Службен весник на Република Македонија".

   СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

  Бр.07-4958/1                                                                                                                                   Претседател
19 ноември 2007 година                                                                                                     на Собранието на Република
Скопје                                                                                                                                             Македонија,
                                                                                                                                                 Љубиша Георгиевски,с.р.

Click