Совети



Понеделник, 7 мај 2012 година

Пристапниот дијалог на високо ниво е голема можност и шанса за Република Македонија

Комисијата  за европски прашања, Националниот совет за евроинтеграции, Комисијата за надворешна политика и Мешовитиот парламентарен комитет РМ-ЕУ  во Собранието на Република Македонија денеска остварија средба со г.  Штефан Филе, комесар за проширување и европска соседска политика на Европската комисија.

На средбата, покрај претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Хајрула Мисини и потпретседателот на Националниот совет за евроинтеграции, г-ѓа Силвана Бонева, присуствуваа и вицепремиерот за евроинтеграции на Владата на Република Македонија, г-ѓа Теута Арифи, генералниот директор на Генералниот директорат за проширување на Европската комисија, г. Стефано Санино, како и шефот на Делегацијата на Европската унија во Република Македонија, Н.Е. Аиво Орав.

Претседателот Мисини во своето воведно обраќање со особено задоволство го поздрави присуството на еврокомесарот Штефан Филе, воедно укажа дека парламентарците ја имаат клучната улога во оценувањето и преиспитувањето на влијанието на ЕУ легислативата врз животот на граѓаните, бизнисот и на иднината на граѓаните.

Отворањето на Пристапниот дијалог на високо ниво е голема можност и шанса, не е замена за преговорите, но отворањето на овие две важни поглавја, поглавјата 23 и 24, е можност да покажеме дека сме решени да ги спроведеме реформите и во чувствителните области, како што се судството, фундаменталните права, правдата, слободата и безбедноста.

Еврокомесарот Филе изрази задоволство од посетата, посочувајќи дека Комисијата е подготвена да ја поддржи Македонија во овој евроинтегративен процес, воедно даде препораки во однос на прашањата за високиот дијалог, имплементацијата на напредокот, реформите во јавната администрација, сеопфатни изборени реформи, зацврстување на интеретничките односи и пазарната економија.

Една од главните цели на дијалогот е инклузивноста која нè води кон заедничката цел, воедно изготвен е и патоказот за реализација на приоритетните цели за 2012 година усвоени на Пристапниот дијалог на високо ниво - посочи вицепремиерот, г-ѓа Теута Арифи.

На средбата земаа учество и пратениците: г. Гордан Георгиев, г-ѓа Силвана Бонева, г-ѓа Мерал Узеири Ферати, г. Кенан Хасипи, г. Антонио Милошоски како и г-ѓа Тања Хафнер Адеми од Граѓанска платформа на Македонија, г. Насер Селмани, претседател на Здружението на новинарите на Македонија и г. Антони Пешев од Стопанска комора на Македонија.

Click