Активности



Петок, 27 ноември 2009 година

Инклузија и интеграција на лицата со посебни потреби во нашето општество

Потпретседателот на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Светлана Јакимовска, денеска учествуваше на трибина организирана од Здружението на дефектолози и стручни лица Подај Рака во соработка со Здружение на граѓани Млади за млади, на тема: „Инклузија и интеграција на лицата со посебни потреби во нашето општество“.

На трибината, на која беа отворени прашања за инклузија и интеграција на лицата со посебни потреби во нашето општество, согласно законските регулативи учествуваа претставници од Министерството за труд и социјална политика, од Министерството за образование, од Агенцијата за млади и спорт, од Институтот за дефектологија и други.

Потпретседателот на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Светлана Јакимовска, меѓу другото, во своето излагање рече: „Без оглед на политичкиот пристап кон обезбедување на човековите права за лицата со хендикеп мора да се има предвид максимата дека ‘секоја политика е онолку добра колкав што е импактот на нејзината имплементација’.

Токму во таа насока, Собранието на Република Македонија прави значајни исчекори и во релативно кус период донесе низа закони кои директно го регулираат ова прашање. Меѓу нив е и новиот Закон за социјална заштита, со кој посебен фокус се лицата со хендикеп, пред сè, процесот на деинституционализација во Република Македонија, која последната година има голем прогрес на активности со отворањето на станбени заедници надвор од институциите на системот.

Собранието донесе и измени и дополнување на Законот за вработување на инвалидни лица, со кои зајакна заштитата на вработените лица со хендикеп.

Во август оваа година беше донесен и Законот за употреба на знаковниот јазик, со кој се овозможува граѓаните на Република Македонија со потполно оштетен слух или тешко наглуви да имаат можност на достапност до информации, нивна семејна и општествена комуникација, можност за комуникација со институциите во државата.

Исто така, беше донесен и Законот за основно и Законот за високо образование, во кои се одредени посебни права за учениците и студентите со хендикеп.

Важно е да се истакне дека при креирањето на сите закони целосно е почитувано начелото ‘Ништо за нас, без вас’ во сите фази, вклучувајќи ја и завршната при разгледувањето во Собранието“.

Click