Активности

Петок, 22 јули 2011 година

Средба на претседателот Вељаноски со г. Џон Хајд, пратеник на Парламентот од Западна Австралија

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, го прими г. Џон Хајд, пратеник на Парламентот од Западна Австралија. На средбата присуствуваше и пратеникот во Собранието на Република Македонија, г. Милорад Додевски, избран од Изборната единица девет, која ја опфаќа Австралија.

На средбата стана збор за повеќе прашања од заемен интерес и развивање на соработката. Заеднички е констатирано дека македонската иселеничка заедница  придонесува за севкупниот општествен и економски развој на Австралија и дека е значаен фактор кој придонесува за блиските и пријателски односи меѓу двете држави.

Од страна на претседателот на Собранието, г. Вељаноски, е изразено задоволство од стапувањето во сила на спогодбите кои го регулираат социјалното и пензиското осигурување на граѓаните на двете држави.

Исто така, од негова страна е покренато прашањето за либерализирање на визниот режим, со цел нашите граѓани непречено да патуваат во Австралија.

Пратеникот Додевски, од своја страна, информираше за напорите кои се прават во поглед на унапредување на авиосообраќајната поврзаност меѓу двете земји и за можностите за учество на австралиски компании во овој сектор.

Пратеникот Хајд изрази задоволство од својата прва посета на Република Македонија, воедно заложувајќи се за унапредување на сите потенцијални области на соработка, особено во делот на економијата и рударството.

Тој истакна дека австралиските пратеници работат на соодветно признавање на Република Македонија од страна на Австралија и натамошно меѓународно етаблирање на нашата држава. Тој, исто така, изрази надеж дека во рамките на вкупните активности на австралиската влада за либерализација на трговијата, ќе дојде до придвижување и на визната либерализација.
Click