Активности

Среда, 18 октомври 2017 година

Билатерална средба на претседателот Џафери со г-ѓа Анкие Брокерс Кнол, претседател на Сенатот на Холандија

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, денеска, во рамките на 137. Собрание на Интерпарламентарната унија (ИПУ), што се одржува во Санкт Петербург, Руска Федерација, оствари билатерална средба со г-ѓа Анкие Брокерс Кнол, претседател на Сенатот на Холандија.

Претседателот Џафери изрази особено задоволство од одржувањето на оваа средба, со оглед на тоа што Кралството Холандија е еден од најголемите билатерални донатори на Република Македонија и посветен поддржувач на евроинтеграциите на земјата. Истакнувајќи дека Собранието на Република Македонија има долгогодишна успешна соработка со Холандската амбасада во Скопје и Холандскиот центар за европски безбедносни студии, претседателот на Собранието на Република Македонија ја информираше г-ѓа Кнол дека во септември годинава беше потпишан Меморандум за разбирање за организирање обуки за службата на Собранието.

Господин Џафери зборуваше за состојбата во нашата земја, спомнувајќи ја посветеноста на новоизбраната Влада кон добрососедските односи и за веќе постигнатиот напредок во односите со јужниот и источниот сосед. Во врска со случувањата од 27 април оваа година, претседателот нагласи дека надлежните институции ги преземаат сите потребни процедури што се во нивна надлежност за лицата одговорни за настаните од таа ноќ бидат изведени пред лицето на правдата.

Госпоѓа Анкие Брокерс Кнол истакна дека во Холандија со внимание се следи состојбата во Република Македонија и позитивно се гледа на постигнатиот напредок во односите со соседите. Таа ги поздрави напорите за разрешување на спорот со името и истакна дека ќе ја пренесе до Комисијата за надворешна политика на Сенатот пораката за интензивирање на меѓупарламентарната соработка. Г-ѓа Кнол нагласи дека Сенатот на Холандија е подготвен да даде секаква директна поддршка на Собранието на Република Македонија, а како една од областите во која би можела да се ефектуира подршката е е-парламентот.

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Џафери, ја покани претседателката на Сенатот на Холандија да ја посети Република Македонија, нагласувајќи дека преку интензивирање на парламентарната соработка, ќе се поттикнат севкупните билатерални односи.

Соговорниците се согласија дека Интерпарламентарната унија преставува многу значаен форум, не само поради актуелните теми на кои се дискутира, туку и поради можноста за запознавање и остварување на директни контакти меѓу пратениците од различни земји.

Click