Активности

Четврток, 21 февруари 2019 година 

Дваесет и осма седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Северна Македонија, на денешната 28. седница, како матично работно тело го разгледа Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица, поднесен од пратениците: Горан Мисовски, Соња Мираковска, Горан Милевски и Ејуп Аљими (по скратена постапка).

Воведно образложение по Предлог-законот даде претставникот на предлагачите, пратеникот Горан Милевски. Тој истакна дека заради реализација на мерките за подобрување на деловното окружување согласно препораките на Извештајот на Doing Businesss 2018, а со цел подобрување на бизнис климата во Република Македонија и повисоко рангирање во категоријата отпочнување на бизнис од Извештајот на Светската банка произлезе потребата од воспоставување на заедничка платформа за отпочнување на бизнис. 

За реализација на заедничката платформа за отпочнување на бизнис вклучени се Централниот регистар на Република Македонија, Агенцијата за вработување на Република Македонија и Управата за јавни приходи, со стандардизирана меѓусебна размена на податоци.

Надлежните институции ги предвидоа потребните технолошки и процесни прилагодувања, меѓутоа за целосна реализација на заедничката платформа потребно е да се дорегулират овие измени во Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица, рече Милевски. Во продолжение, тој информира дека преку системот на Централниот регистар на Република Македонија за е-регистрација, подносителот кој ќе основа правен субјект ќе може да ги пријави првите вработени-застапници по закон и да се регистрира за целите на ДДВ на доброволна основа при иницијална регистрација.

Во рокот утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија на Предлогот на законот не беа поднесени амандмани од овластени предлагачи. Комисијата го проследи истиот на натамошна постапка во Собранието.

Click