Активности

Среда, 7 февруари 2018 година

Груби ја започна посетата на САД со конгресмените Прајс и Висклоски

Претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, г. Артан Груби, ја започна службената посета на САД со средба во Вашингтон со конгресмените Дејвид Прајс и Пит Висклоски.

Конгресменот Прајс е копретседавач на Партнерството за Демократија на Американскиот Конгрес каде што се градат надпартиски ставови и политики помеѓу републикаците и демократите.

Груби говореше за потребата на користење на искуството на Партнерството за Демократија на Американскиот Конгрес за градење на надпартиски ставови во нашето Собрание, околу интеграцијата на земјата во НАТО и Европската унија и системските реформи.

Груби, исто така, го информираше соговорникот за текот на реформите во земјата како и за преговорите за спорот со нашиот јужен сосед, при што ја побара поддршката на САД за постигнување заемно прифатливо решение.

На средбата со конгресменот Висклоски стана збор за предизвиците на Југоисточна Европа на патот кон евроатлантската заедница, НАТО перспективите на Македонија и поддршката на САД за Македонија и земјите на Западен Балкан.

Груби отворено и директно побара помош од авторитетите на САД за одблокирање на сите пречки што стојат на патот на Македонија кон НАТО и директниот придонес на САД е неопходен во овој процес.

На посебните средби со двајцата конгресмени, беше потврдена поддршката на САД за Македонија и потребата за поголем ангажман на САД за Западен Балкан и се заложија за конкретни чекори во Вашингтон во правец на евроатлантската интеграција на нашата земја.

Претходно, во Собата за Групата на пријатели на Кенеди, во Сенатот, Груби учествуваше на редовниот форум за геополитика на Балканот каде што учествуваа сенаторот Џејмс Инхоф, и конгресмените Роберт Адерхолт, Роберт Питенгер, како и многу други високи гости.

Груби, исто така се сретна и со Јан Сурочак, Директор на ИРИ за Европа и Пол Мекарти, заменик-директор, од кои побара да ги интензивираат своите програми во Македонија, посебно во правец на градење реформски консензус како и подигање на демократскиот капацитет на институциите и нивната доверба кај граѓаните.

Click