Активности

Среда, 10 април 2019 година

Искуствата на развивањето на економијата и животниот стандард на Австралија повеќе од добредојдени за земјава

Претседателот на Пратеничката група на Собранието за соработка со Парламентот на Австралија, Зоран Илиоски, заедно со членовите на Групата, оствари средба со амбасадорката на Австралија со седиште во  Белград , Н.Е. Рут Карис Стјуарт.

На почетокот на средбата, Илиоски ѝ посака топло добредојде на првата средба на Пратеничката група за соработка со Парламентот на Австралија, изразувајќи надеж дека средбите ќе бележат на интензитет во иднина. Македонската дијаспора е петта по големина во Австралија и истата треба да претставува мост на поврзување меѓу двете држави, истакна Илиоски. Од негова страна, исто така, беше искажана подготвеност за унапредување на парламентарната соработка во домени од заеднички интерес за двата парламенти, но и за граѓаните на двете држави.

Пратеничките Соња Мираковска и Мирсада Емини-Асани ја изразија својата волја за поблиска соработка, особено поради фактот што, како што констатираа, многумина од нас имаат роднина или пријател кој живее во Австралија и тие контакти треба да бидат појдовна основа за поголемо зближување меѓу граѓаните. Пратеничката Весна Пемова изрази жалење што поради политичката криза, но и уназадувањето во економијата во земјата, има многу голем број на едуцирани кадри кои ја напуштаат земјата и бараат подобар живот во странство, а една од задачите на политичарите е да направат сè што е во нивна можност и преку конкретни чекори да ги задржат младите во земјата. Оттука, искуствата на развивањето на економијата и животниот стандард за граѓаните на Австралија се повеќе од добредојдени за државата.

Амбасадорката Карис Стјуарт изрази особено задоволство од средбата и од фактот што има претставеност од повеќе политички партии во Групата, чиј заеднички интерес е развивање поблиски врски со колегите од Австралија. Таа ги информираше соговорниците за актуелните случувања во Австралија и одржувањето на претстојните парламентарни избори и изрази надеж дека парламентарната соработка ќе продолжи во иднина и покрај застојот во последните неколку години. Од нејзина страна беше побарано доставување на конкретни предлози за соработка. Особено, тука го наведе споменатото подобрување на економската клима во државата, за што искажа подготвеност од споделување искуства во делот на донесувањето на законодавството и начините кои ги применува Австралија во привлекувањето странски инвестиции, иновативноста, електронските услуги на владата, како и едуцирањето кадри кои потоа се конкуретни на пазарот на труд, мерки со кои ги мотивира бизнисмените да инвестираат во земјата.

На крајот таа укажа на одбележувањето на 25-годишнината од воспоставување на дипломатски односи меѓу двете држави следната година, како можност преку разни активности и манифестации да се придонесе кон збогатувањето на билатералните односи меѓу двете земји. 

Click