Активности

Среда, 28 март 2018 година, Женева

Излагање на пратеничката Николова на дебата на тема: „Зацврстување на меѓупарламентарната соработка за миграцијата и управување со миграцијата, со перспектива за усвојување на Глобален компакт за сигурна, уредна и регуларна миграција“

Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Интерпарламентарната унија активно продолжува со учеството на 138. Собрание на Интерпарламентарната унија, што се одржува од 24 до 28 март 2018 година во Женева, Швајцарска Конфедерација. 

Пратеничката Јулиана Николова учествуваше на седница на Третата постојана комисија за демократија и човекови права и имаше излагање на дебатата на тема: „Зацврстување на меѓупарламентарната соработка за миграцијата и управување со миграцијата, со перспектива за усвојување на Глобален компакт за сигурна, уредна и регуларна миграција“. Таа истакна дека неодамнешната и тековна миграциска криза, во комбинација со предизвиците и последиците што следат, се потсетник за тоа колку земјите се меѓусебно зависни во глобалното опкружување и оцени дека треба да се постигне договор за заедничка стратегија формулирана во Глобалниот компакт. Само заедничкиот пристап и споделената одговорност меѓу различните релевантни чинители можат да ги решат актуелните глобални предизвици, преку трансформирање на масивниот и хаотичен прилив на луѓе во безбедна, уредна и редовна миграција. 

Госпоѓата Николова информираше дека Македонија учествуваше во глобалниот процес на консултации и ќе продолжи со активното учество на претстојните меѓувладини преговори, врз основа на своите сопствени искуства, вклучувајќи ги и случувањата на таканаречената Западнобалканска рута. Како земја кандидат за членство во ЕУ, Република Македонија континуирано ги прилагодува своите политики и законодавната рамка со која се регулира престојот и транзитот на мигранти низ земјата во согласност со политиките на ЕУ, сè со цел да се направи најконструктивен придонес за решавање на проблемот.

Имајќи го предвид искуството на Република Македонија во спроведувањето прекугранична и меѓународна соработка во текот на миграциска криза, г-ѓа Николова укажа на придобивките од оваа соработка и на потребата за подобрување на системот за регистрација и системот на размена на информации. Истовремено, таа оцени дека Глобалниот компакт за миграција треба да го следи и патот на мигрантите, почнувајќи од земјите на потекло, преку земјите на транзит и земјите крајни дестинации, со посебен фокус за поттикнување безбедна, уредна и редовна миграција. Државите имаат легитимно право да бараат безбедни граници и капацитет да одредат кој влегува или останува на нивната територија и затоа треба се зацврсти безбедноста на начин на кој меѓусебно би се зајакнала безбедноста на државите, јавноста и мигрантите. 

Пратеничката Николова информираше дека македонските власти ја разгледале првичната Нацрт-верзија на Глобалниот компакт и таа претставува солидна основа за понатамошни дискусии во Њујорк. Имајќи предвид дека миграциските текови во иднина нема да исчезнат, туку напротив ќе се зголемат со очекуваниот раст на населението и климатските промени, Република Македонија, како мала земја чиј развој и просперитет во голема мера зависи од соработката со другите држави и релевантните чинители, е подготвена да ги максимизира своите напори во согласност со тековните глобални заложби.

Click