Активности

Среда, 20 декември 2017 година

Јавна расправа на тема: „Предлог на закон за изменување на Законот за заштита од пушење“

Комисијата за здравство на Собранието на Република Македонија одржа јавна расправа на тема: „Предлог на Закон за изменување на Законот за заштита од пушење“. Со седницата раководеше претседателката на Комисијата за здравство, Мирсада Емини Асани, која истакна дека излагањата на јавната расправа треба да бидат квалитетна основа во  подобрувањето на законските решенија на законот.

На јавната расправа беа поканети и активно учество зедоа претставници од ЈЗУ Клиника за пулмологија, ЈЗУ Клиника за кардиологија, Институт за јавно здравје, Македонско респираторно здружение, Самостоен синдикат на клинички центри и други здравствени организации, Здружение на пулмолози во Република Македонија, претставници од здруженијата на угостители од повеќе градови во републиката, како и други невладини здруженија и организации кои ја третираат оваа проблематика.

Воведничари на јавната расправа беа во име на предлагачот на законот пратеникот Томислав Тунтев, проф. д-р Елена Ќосевска од Институтот за јавно здравје, д-р Деска Димитриевска од Клиника за пулмологија и д-р Јорго Костов од Клиника за кардиологија. Во натамошна дискусија учествуваа повеќе дискутанти со свои видувања, меѓу кои: Марио Трифуновски од Клуб „Еснаф“ - Здружение на угостителство и туризам, Михаил Мишев од „Охридски еснаф“, Стојан Иванов од „Концепт кафе“ - Струмица, Емил Поповски од Клуб Оаза-Струга и други.

Click