Активности

Среда, 7 февруари 2018 година

Комисијата за култура во посета на Музејот на современата уметност

Членовите на Работната група на Комисијата за култура Ирена Стефоска, Никица Корубин, Маја Морачанин и Енес Ибрахим денеска остварија работна посета на Музејот на современата уметност, при што одржаа состанок со Мира Гаќина, директорка на Музејот, Зоран Петровски, кустос советник и Анжелика Апсис Апчевска, советничка во Град Скопје. 

Работната гупа на Комисијата за култура е формирана со цел посета на институциите од областа на културата во Република Македонија и подобрување на состојбите во културниот сектор во нашата земја

На средбата се дискутираше околу предизвиците и проблемите со кои се соочува Музејот на современата уметност, при што од страна на раководството на Музејот беше истакнато дека самиот објект има потреба од редовна санација и одржување, како и од подобрување на условите за чување на уметничките дела со извонредна вредност. Непосредната околина на Музејот е недоволно уредена и има потреба од ревитализација и ставање во функција на Музејот со пошироката културна средина, вклучувајќи го и Скопското Кале.

Од страна на членовите на Комисијата за култура беше искажана спремност за соработка со Музејот на современата уметност, согласно своите надлежности, во насока на детектирање на конкретните проблеми и надлежности на секоја од инволвираните институции.

Присутните заеднички заклучија дека е потребно подигнување на свеста за значењето и вредноста на Музејот на современата уметност како еден од најзначајните симболи на постземјотресната обнова на Скопје, како и развивање поголема автономија на Музејот во креирањето на своите политики.

Click