Активности

Петок, 26 октомври 2017 година

Културната размена како еден од најдобрите начини на меѓусебно запознавање на народите на Македонија и Венецуела

Членовите на Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентите на земјите од Латинска Америка и Карибите остварија средба со амбасадорката на Венецуела ополномоштена за Република Македонија, г-ѓа Ориета Капони. На средбата присуствуваа претседателката на Групата, г-ѓа Емилија Александрова и членовите: г-ѓа Соња Мираковска, г. Мухамед Зеќири, г. Реџаиљ Исмаили и г. Љупчо Димовски.

Претседателката на Пратеничката група, г-ѓа Емилија Александрова, истакна дека  со формирањето на ваква Група во Собранието на Република Македонија во неколку последователни мандати, пратениците ја покажуваат својата посветеност и интерес за воспоставување, негување и продлабочување на потесни меѓупарламентарни врски со државите од регионот на Латинска Америка и Карибите. 

Таа ги поздрави напорите на амбасодарката Капони за развивање на соработката во областа на културата, и во таа насока се осврна на претставувањето на венецуелската кинематографија во Република Македонија со прикажување на шест филмови од најновата филмска продукција на Венецуела во текот на оваа недела и изрази надеж дека тие ќе наидат на одличен прием кај македонската публика. 

Претседателката Александрова увери дека заедно со членовите на Групата, во периодот што следи, ќе направат максимални напори за интензивирање на парламентарната соработка и за продлабочување на пријателските односи меѓу Република Македонија и Венецуела, како на билатерално, така и на мултилатерално ниво. 

Амбасадорката Капони ја нагласи важноста на културната размена како еден од најдобрите начини на меѓусебно запознавање на народите на двете држави, а презентираше и иницијативи за економска соработка во повеќе области. Таа информираше дека по неодамнешните немири, актуелната состојба на политичката сцена во Венецуела е мирна и стабилна. На укажувањето од страна на пратениците дека визниот режим меѓу двете држави претставува потешкотија за развојот на туризмот, таа вети дека силно ќе се заложи за укинување на визите. 

Во однос на иницијатите за унапредување на економската соработка, од наша страна беше изразена подготвеност во Собранието да бидат ратификувани сите билатерални договори кои ќе се постигнат меѓу двете држави. 

Соговорниците изразија надеж дека оваа првична средба ќе биде првиот успешен чекор кон идната поинтензивна соработка. 

Click