Активности

Понеделник, 25 февруари 2019 година

Потреба од подигнување на свеста за значењето на воведувањето на дигиталната технологија во образовниот систем

Пратеникот Фадил Зендели, член на Делегацијата на Собранието на Северна Република Македонија во Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПС на ПСЈИЕ), учествуваше на Седницата на Комисијата за социјален развој, образование, истражување и наука на ПС на ПСЈИЕ, што се одржа на 22 и 23 февруари 2019 година во Подгорица, Црна Гора.

Пред членовите на Комисијата се обратија Иван Брајовиќ, претседател на Парламентот; Дамир Шеховиќ, министер за образование и Сања Дамјановиќ, министерка за наука на Црна Гора.

На Седницата се водеше дискусија на тема: „Науката и новите технологии во служба на модерното образование“. Членовите на Комисијата ги разгледаа и утврдија Предлог-извештајот и Предлог-резолуцијата на оваа тема, што се очекува да бидат усвоени на претстојното годишно заседание на ПС на ПСЈИЕ, што ќе се одржи во јуни 2019 година во Сараево. Во дискусијата беше нагласено дека модернизацијата на образованието со имплементација на новите технологии, може во голема мера да придонесе за унапредување на квалитетот на образованието, како и за зголемување на ефективноста и конкурентноста на образовните институции во земјите од Југоисточна Европа.

Пратеникот Фадил Зендели, во своето обраќање се заложи за развивање на ефективни механизми за парламентарна соработка во полето на науката, образованието, истражувањето и ИКТ и ја подвлече потребата да се подигне свеста за значењето на воведувањето на дигиталната технологија во образовниот систем. Тој се осврна на дел од целите и задачите дефинирани во Стратегијата за образование за 2018 - 2025, кои се однесуваат на примената на науката и новите технологии во образованието. Истовремено, Зендели информираше за стартот на проектот Научно-технолошки парк, кој ќе нуди услуги поврзани со развој на иновации, со цел да се поттикне истражувачката и иновациската дејност и соработката меѓу академскиот и приватниот сектор.

Зендели истакна дека Република Северна Македонија ја поддржува иницијативата за основање на Меѓународен институт за одржливи технологии на Југоисточна Европа, што би требало да има значително позитивно влијание врз економскиот развој и подобрувањето на животниот стандард во земјите од регинот.

Парламентарното собрание на ПСЈИЕ, во кое членуваат Парламентите на земјите на Југоисточна Европа: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Косово, Македонија, Молдавија, Романија, Словенија, Србија, Турција, Хрватска и Црна Гора своите цели и задачи ги базира на принципите на регионална сопственост и европска интеграција. Парламентарното собрание игра значајна улога во промовирањето на парламентарното учество и олеснувањето на интерпарламентарниот дијалог и соработка во регионот, како и во поттикнувањето на процесот на интеграција во Европската Унија. 

Click