Активности

Понеделник, 25 февруари 2019 година

Прес-конференција на претседателот Џафери

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Талат Џафери, на прес-конференција кажа дека за Претседател не е избран со ничија жртва, туку дека тој е дел од таа жртва.

„Талат Џафери е Претседател на Собранието и личност која го води Собранието, но не под нечиј диктат. Талат Џафери се води од уставните принципи, а во поделбата на власта секој однос меѓу властите пропишува процедури. Талат Џафери кажа и кажува дека, додека сум Претседател, никој со ништо не може да го узурпира Собранието и да го попречува во работењето. Сите документи се достапни и секој нека се преиспита себе си“, рече Претседателот на Собранието Џафери.

Тој нагласи дека, нема никому да се правда преку прес-конференции. Како Претседател на Собранието не се занимава со односите на политичките партии, тие зависат од коалициските програми. За односите во коалицијата, новинарите ги упати да се обратат на партиите.

Џафери посочи дека, прашањето за свикување седници е обврска на Претседателот, според член 64 од Деловникот, врз основа на Извештаите од работните тела. Тој нема надлежност да влијае врз извештаите на комисиите, а рече, пропустите на Комисијата се одговорност на самата Комисија.

Во однос на изјавите дека Талат Џафери го спасува Трајко Вељаноски, Џафери одговори: „Талат Џафери не спасува никого, па ни Трајко Вељаноски. Процедурите во судските постапки не зависат од позицијата пратеник. Одговорноста не може да се одбегне во судските постапки. Вчерашната седница ја прекинав бидејќи измина времето за донесување одлука. Додека зборуваше Никола Мицевски, пратеникот Мухамед Зеќири постапи онака како што постапи и тогаш ја прекинав седницата“, рече тој.

Џафери ова го направил согласно член 90 од Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија, кој пропишува дека седницата ја прекинува Претседателот доколку е нарушен редот во салата.

„Фактот што не е донесена одлука во определениот рок значи дека, Собранието нема донесено одлука, не произведува правни дејства, останува имунитетот, но останува органот кој го поднел барањето да ги преземе натамошните дејства.   

„Јас сум Претседател на Собранието, сите седници се свикани, и одлука на политичките партии е дали ќе учествуваат во нивната работа“, одговори Претседателот Џафери.

Во однос на имунитетот на пратеникот Љупчо Димовски, Претседателот Џафери одговори дека таа седница ја прекинал, бидејќи мнозинството немало обезбедено кворум од 61 пратеник. Им дал време, но до крајниот рок кворумот не бил обезбеден. Надлежност на Претседателот е да го извести органот кој го упатил барањето.

Click