Активности

Четврток, 21 февруари 2019 година

Промоција на потребата од зголемена употреба на обновливите извори на енергија

Делегација на Собранието на Република Северна Македонија, во состав: Агим Шаќири, заменик-претседател и Хари Локвенец, член на Комисијата за економски прашања, учествуваше на состанок посветен на енергетската ефикасност, во организација на Енергетската заедница и на Парламентарен форум за Југоисточна Европа за енергетска ефикасност и клима, во организација на германското здружение за соработка, кои се одржаа во Брисел, Кралството Белгија.

На состаноците учествуваа и претставници од Парламентите на земјите членки на Енергетската заедница и повеќе експерти. Се разгледаа повеќе прашања во насока на зголемување на енергетската ефикасност во договорните страни на Енергетската заедница и се усвои заеднички Извештај за поттикнување на поголема употреба на енергија од обновливи извори.

Свое излагање имаше пратеникот Локвенец, при што истакна дека во изминатиот период е забележан напредок од страна на договорните страни на Енергетската заедница во постигнување на поставените цели за учеството на обновливите извори во вкупното производство на енергија, но потребна е понатамошна промоција на потребата од зголемена употреба на обновливите извори на енергија.

„Како земји потписнички на Парискиот договор за климатски промени, обврзани сме да посветуваме поголемо внимание на употребата на обновливите извори и заштита на животната средина. Покрај заштитата на животната средина, зголемената употреба на обновливите извори на енергија треба да придонесе за намалување на енергетската увозна зависност на земјите, намалување на енергетската сиромаштија, зголемување на сигурноста во снабдувањето со енергија на потрошувачите, постигнување на економски раст“, рече Локвенец.

Исто така, тој напомена дека, за жал, огромниот потенцијал на обновливите извори на енергија не е доволно искористен во делот на креирање на нови работни места, што ќе придонесе за намалување на стапката на невработеност, проблем со кој што се соочуваат договорните страни на Енергетската заедница.

За постигнување на овие цели, пратениците и парламентите можат да придонесат преку имплементација на европското законодавство за обновливи извори во националните законодавства и секако преку размена на искуства за примена на добри практики во земјите договорни страни преку состаноците на Парламентарниот пленум.

Во таа насока, Локвенец ја нагласи потребата од отстранување на административните бариери и воведување на јасни законски решенија и процедури кои ќе ја поттикнуваат употребата на обновливи извори на енергија, како и соработката на различни институции и агенции, како на национално, така и на локално ниво. Законите и правилата треба да бидат јасни и транспарентни за да ги стимулираат приватните инвестиции во обновливи извори на енергија. Исто така, значајни се и иницијативите од пратениците до своите влади за инвестиции во заеднички проекти за обновливи извори на енергија помеѓу договорните страни на Енергетската заедница како и со земјите членки на Европската унија. Потребни се и активни мерки кои ќе го стимулираат приватниот сектор и граѓаните да инвестираат во обновливи извори на енергија.

Зголемување на свесноста кај граѓаните за предностите кои ги нудат обновливите извори на енергија претставува значаен чекор кон нивна поголема употреба, заклучи Локвенец.

Click