Активности

Понеделник, 17 јуни 2019 година

Работна група на Собранието во посета на Казнено-поправната установа Затвор Охрид

Членови на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, односно на Работната група за посета на казнено-поправните установи во Република Северна  Македонија, на 13 јуни  2019 година, во рамките на своите надлежности, реализираа посета на Казнено поправната установа Затвор Охрид. Во состав на групата беа: Фадил Зендели, претседател на Комисијата,  Трајчо Димков, Панчо Минов и Слаѓана Митовска.  Во рамките на посетата, Работната група реализира средба со в.д. директорот Ристе Недески , и со дел од раководната структура на Затворот.

Оваа работна група се основаше на Петтата седница на Комисијата, одржана на 12 јуни 2018 година, поради забелешките за состојбата во затворите во Северна Македонија во Извештајот на Европската комисија, како и забелешките на пошироката јавност. Во групата, покрај пратениците, членуваат и претставници од невладиниот сектор и експерти. Оваа посета е трета по посетата на затворите КПД Идризово и Затвор- Штип КПУ. Посетите се со цел запознавање со состојбите во кои се наоѓаа затворите а во насока на подобрување на истите.  Во затворот Охрид се упатуваат помлади полнолетни и малолетни машки лица осудени со правосилна пресуда на казна малолетнички затвор како и машки лица спрема кои е определен притвор од подрачјето на основните судови Дебар, Охрид и Струга освен притворот определен за кривични дела за кои е пропишана казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор

Охридскиот затвор е едниствената казнено поправна установа за малолетни лица во земјава. Затворот е составен од два дела затвор и притвор. Притворените лица се во надлежност на судовите на градовите од каде што доаѓаат, односно од Охрид, Струга и Дебар, додека пак затворот има обврска да се грижи за сместување, исхрана, пружање здравствена заштита и спроведување на притворениците во делот на судската постапка. Притворот и затворот физички се одделени. Притворот располага со капацитет од 25 места и во моментов ги задоволува потребите. бидејќи е реновиран во 2008 година и условите за работа се едни од најдобрите во  Македонија. 

Затворот има капацитет од 35 места,  има 6 соби , затворениците на располагање имаат голема теретана и ТВ сала, како и  адаптиран терен за спортски активности. 

Затворениците имаат редовна здравствена заштита од доктор специјалист од ЈЗУ Општа болница Охрид. Најмногу во охридскиот затвор се истакнува ресоцијализацијата, за што има и посебен сектор каде се изведуваат едукативни предавања на затворениците. Многу внимание се посветува на работно ангажирање на затворениците, што пак се смета за најважен процес во ресоцијализацијата.  

Охридскиот затвор во споредба со останатите затвори во Македонија на осудените лица им пружа солидни услови за издржување на затворската казна.

При престојот, членовите на Работната група  се интересираа за проблемите со кои се соочуваат затворениците, а за таа цел остварија  директен разговор со осудени лица. 

Работната група констатира потреба од  дополнително унапредување на условите во затворот,  од  зголемување на буџетот на Затворот, при што беше потенцирано дека во таа насока ќе биде дадена целосна поддршка. 

Работната група во наредниот период ќе го посети КПУ Затвор Скопје- Скопје, каде се очекува посета на притворското одделение во затворот.  

По завршувањето на посетите на наведените казнено поправни установи, Работната група ќе изготви Извештај на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот за оваа тема и ќе организира Јавна расправа  за состојбата во затворите во Република Северна Македонија на која ќе бидат поканети сите чинители и од која ќе произлезат препораки  и Предлог заклучоци за подобрување на затворските услови, за поголемо почитување на човековите права и исполнување на меѓународните стандарди.


 






Click