Активности

Вторник, 30 јули 2019 година

Шеесет и прва седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Северна Македонија на денешната 61. седница, како матично работно тело го разгледа Годишниот извештај за извршените ревизии и за работењето на Државниот завод за ревизија во 2018 година.

Воведно образложение по Годишниот извештај даде заменикот на главниот државен ревизор, Насер Адеми. Тој истакна дека целта на ревизијата е навремено откривање на отстапувањата од прифатените стандарди и повреда на принципите на регуларност, ефикасност, ефективност и економичност во управувањето со јавните средства.

Во текот на 2018 година Државниот завод за ревизија има извршено 66 ревизии од кои 54 ревизии на регуларност, 1 ревизија на усогласеност, 4 ревизии на успешност и 3 follow up ревизии.

Од извршените ревизии издадени се 117 ревизорски извештаи, од кои 109 извештаи за ревизија на регуларност, еден извештај за извршена ревизија на усогласеност, 4 извештаи од извршена ревизија на успешност и 3 извештаи од follow up ревизии.

Во изминатиот период посебно внимание се посвети на реализација Твининг проектот „Понатамошно зајакнување на капацитетите и ефикасноста на Државниот завод за ревизија за вршење на надворешна ревизија“, особено реализацијата на Компонентата 3 која се однесува на зајакнување на соработката помеѓу Државниот завод за ревизија и Собранието на Република Северна Македонија за разгледување на ревизорските извештаи. Притоа беа остварени посети од страна на вработените во Државниот завод за ревизија и пратеници од Собранието на Република Северна Македонија на врховните ревизорски институции во Република Бугарија и Република Хрватска. Значаен сегмент од работењето на Државниот завод за ревизија е и зголемувањето на трансперентноста на ДЗР и од тие причини, Државниот завод за ревизја на својата веб-страница ги објавува конечните ревизорски извештаи кои ги има направено во одредени институции.

Во претресот учествуваа пратениците Лилјана Кузмановска, Зоран Илиоски и Диме Велковски.

Врз основа на расправата Комисијата за финансирање и буџет со едногласно заклучи да му предложи на Собранието да ги усвои следните Заклучоци:

1. Собранието на Република Северна Македонија го разгледа и усвои Годишниот извештај за извршените ревизии и за работењето на Државниот завод за ревизија во 2018 година.

2. Собранието констатира дека Државниот завод за ревизија во 2018 година своите активности ги насочил кон реализација на Програмата за работа и притоа изготвил извештаи кои содржат информации и препораки за подобрување на финансиското управување и одговорно трошење на јавните средства од страна на субјектите на ревизија.

3. Собранието ја поддржува целосната реализација на Твининг проектот „Понатамошно зајакнување на капацитетите и ефикасноста на Државниот завод за ревизија за вршење на надворешна ревизија“ особено реализацијата на Компонентата 3 која се однесува на зајакнување на соработката помеѓу Државниот завод за ревизија и Собранието на Република Северна Македонија за разгледување на ревизорските извештаи.

4. Собранието позитивно ги оценува пилот проектите за ревизија на успешност и го поттикнува зголемувањето на нивниот број во наредните години.

5. Собранието позитивно ја оценува проверката на дадените препораки од страна на Државниот завод за ревизја со цел утврдување на степенот на нивно спроведување.

6. И покрај тоа што процентот на изразените мислења со резерва и негативните мислења за финансиските извештаи и за усогласеност со закони и прописи се намалува во споредба со 2017 година, потребно е Државниот завод за реизија да продолжи со активностите за давање на јасни препораки на корисниците на јавни средства за добро управување со средствата.

7. Имајќи предвид дека при ревизијата кај поедини субјекти се констатирани одредени системски слабости, Собранието смета дека е потребно надлежните органи да преземаат мерки и активности за нивно надминување.

8. Овие заклучоци заедно со Извештајот на Комисијата за финансирање и буџет да се достават до Владата на Република Северна Македонија, Министерството за финансии и Државниот завод за ревизија.

Click