Активности

Понеделник, 18 јуни 2018 година

Собраниска делегација на Интерпарламентарна конференција во Прага

Во организација на Европскиот парламент, а во соработка со Претставничкиот дом на Чешка Република, на 15 јуни 2018 година, во Прага, се одржа Интерпарламентарна конференција со наслов: „Почитување на слободата на изразувањето, вклучувајќи ја и слободата на медиумите, во ЕУ и пошироко“.

На Конференцијата учествуваше Делегацијата на Собранието на Република Македонија, во состав: г-ѓа Лилјана Затуроска, како претседателка на Комисијата за транспорт, врски и екологија и членовите на Комисијата: г. Благојче Трпевски, г. Реџаиљ Исмаили и г. Благоја Деспотоски. 

Интерпарламентарната конференција ја отворија Радек Вондрачек - претседател на Парламентот на Чешката Република и Барбара Спинели - член на Европски парламент (заменик-претседател на Комисијата за уставни прашања, член на Комисијата за граѓански слободи, Правда и Внатрешни работи). Воведно обраќање имаше и Харлем Дезир - член на Европскиот парламент (претставник за Слободата на медиумите, Организација за безбедност и соработка во Европа).

Работните теми за кои се дискутираше беа: Улогата на медиумите во политичката дебата; Сопственост на медиумите, транспарентност и регулација; Справување со лажни вести и дезинформации; Граѓанското општество како извор на информации и поддршка за политичките реформи; Индивидуалните слободи, приватност, енкрипција, следење на социјалните медиуми, закон за клевета и Обезбедување на заштита на новинари и свиркачи.

Покрај претставниците од Европскиот парламент, Парламентот на Чешката Република и Делегацијата од Собрание на Република Македонија, присуствуваа и претставници на: Парламентот на Република Албанија, Парламентот на Република Босна и Херцеговина, Собранието на Република Косово, Парламентот на Република Црна Гора, Национално Собрание на Република Србија, Советот на Европа и експерти од областа на предметот на расправата на Интерпларламентарната конференција.

Click