Активности

Четврток, 15 ноември 2018 година, Мадрид

Собраниска делегација на Конференција за жртвите на тероризмот

Делегација на Собранието на Република Македонија, во состав: Владимир Ѓорчев, шеф на Делегацијата во Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ); Јагода Шахпаска и Ејуп Алими, членови на Делегацијата, учествува на Конференцијата за жртвите на тероризмот во областа на Парламентарното собрание на ОБСЕ, што се одржува на 15 и 16 ноември 2018 година во Мадрид, во организација на Сенатот на Шпанија и ПС на ОБСЕ. 

На Конференцијата пред пратениците се обратија: Педро Санз Алонсо, потпретседател на Сенатот на Шпанија; Макис Воридис, претседател на Ад хок комитетот на ПС на ОБСЕ за борба против тероризмот; Хозе Луис Санз Руиз, претседател на Комисијата за внатрешни работи  на Сенатот на Шпанија, и други. Беа разменети мислења и со претставници на организациите на жртвите од тероризмот од Шпанија, САД, Франција и Белгија.

Учесниците во дискусијата ја нагласија потребата за заеднички и координиран пристап во борбата против тероризмот, вклучително и преку спроведување на релевантните меѓународни обврски, а се фокусираа и на потребата за зајакнување на контролата на границите и подобрување на размената на информации на сите нивоа. 

Во дискусијата учествуваше пратеничката Јагода Шахпаска, која посочи дека Република Македонија постојано е под ризик од опасностите на транснационалниот и трансрегионалниот тероризам и заради тоа на овој план постои силна и долготрајна соработка со земјите од регионот и со меѓународната заедница, како и стратешки партнерства со ОБСЕ, САД, НАТО, ЕУ и други меѓународни организации. 

Таа ја истакна важноста на двете Национални стратегии на Република Македонија, за борба против тероризмот и за спречување на насилен екстремизам (за периодот 2018-2022 година), кои со пропратни акциски планови, беа усвоени во март годинава. Овие документи ја потврдуваат посветеноста на земјата за сеопфатен и транспарентен пристап преку превенирање, заштита, гонење и одговор на заканите од тероризам и терористичките активности, ги идентификуваат постојните недостатоци, но и начините на кои треба се зајакнат способностите и институционалните капацитети.

Пратеничката Шахпаска се осврна на улогата на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, која е активно вклучена во борбата против тероризмот, преку јакнењето на институционалните и оперативните капацитети на националните агенции за јавна безбедност, како и организирање на обуки за техники за идентификување и следење на криминалните организации и финансирањето на тероризмот, за спречување на радикалните елементи и регрутирањето на потенцијалните терористи и сл. 

Исто така, таа даде подршка на активностите на Ад хок комитетот на Парламентарното собрание на ОБСЕ за борба против тероризмот, за кој што оцени дека многу успешно ја вклучува парламентарната перспектива во сеопфатните напори на ОБСЕ на овој план. На крајот од обраќањето, таа изрази уверување дека со промовирање на меѓу¬парламентарниот дијалог и размена на мислења за најдобрите практики за борба против тероризмот, парламентарците на ПС на ОБСЕ, како претставници на повеќе од милијарда жители на 57 земји учеснички во Организацијата, можат да дадат значаен придонес и ефективни препораки во овој домен.

Парламентарното собрание на ОБСЕ го сочинуваат 323 парламентарци од 57 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Собранието обезбедува форум за парламентарна дипломатија, набљудување на избори и зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите во врска политичките, безбедносните, економските прашања, прашањата за човековите и права и животната средина.

Click