Активности

Четврток, 12 јули 2018 година

Собраниска делегација на Парламентарна конференција во Белград

Делегација на Собранието на Република Македонија од Комисијата за економски прашања, во состав: заменик-претседателот на Комисијата Агим Шаќири, членот Драган Цуклев и заменик-членката Анета Симеска-Димоска, учествува на Парламентарна конференција посветена на можностите за трговски олеснувања и инвестиции во регионот на земјите од Западен Балкан и Медитеранот, која се одржува на 12 и 13 јули 2018 година во Белград, Република Србија. 

Конференцијата е во организација на Светската трговска организација и Парламентарното Собрание на Медитеранот.

Во фокусот на дискусиите се повеќе економски области, меѓу кои: начинот на кој функционира Светската трговска организација; значењето на мултилатералните трговски правила и преговори за економиите на земјите од Медитеранот; исходот од 11. Министерска конференција на Светската трговска организација, која се одржа во декември минатата година; начинот на пристапување на одредена земја во Светската трговска организација; можностите за регионална економска интеграција меѓу земјите од Западен Балкан и друго.

Click