Активности

Вторник, 19 февруари 2019 година, Брисел

Собраниска делегација на заеднички состаноци на Комитетите на ПС НАТО со Северноатлантскиот совет

На покана од ПС на НАТО, на заедничките состаноци на Комитетите на ПС на НАТО со Северноатлантскиот совет (NAC), кои се одржуват од 18 до 20 февруари 2019 г. во Брисел, Кралството Белгија, учествуваат пратениците Илија Димовски, шеф на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во ПС на НАТО и Весел Мемеди, потпретседател на Собранието на Република Северна Македонија и член на Делегацијата. 

На првата сесија, која се одржа во Штабот на НАТО, шефовите на националните делегации во ПС на НАТО, имаа можност заедно со генералниот секретар на нато, Јенс Столтенберг, и неговите заменици, постојаните претставници во Северноатлантскиот совет (NAC), да дискутираат за новите предизвици на светската безбедност, хибридните закани, рамнонерното финансирање на земјите членки на НАТО во буџетот за одбрана и операции, Мисијата во Авганистан и улогата на НАТО во консолидацијата на авганистанското општество.

Специјален гостин на сесијата беше Ненси Пелоси, спикер на Конгресот на САД, која на самиот почеток искрено, топло и многу срдечно ја поздрави нашата делегација и упати честитки за скорешното приклучување на Република Северна Македонија во НАТО, при што истакна дека Преспанскиот договор е голема придобивка за светките демократски вредности. На честитките се приклучија и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг; претседателката на ПС на НАТО, Медлин Мун; делегациите на САД, Црна Гора, Турција, Франција, Обединетото Кралство, Албанија, Унгарија и многу други, кои поентираа дека политичката храброст на Владите и Парламентите во Скопје и Атина треба да претставуваат пример и на други земји во Регионот на Западен Балкан и пошироко во надминувањето на отворените билатерални прашања. Сите делегации ја изразија подготвеноста ратификацијата на Пристапниот протокол да оди со забрзана динамика во нивните национални парламенти, со што процесот на финализирање на макеодноското членство во НАТО би завршил многу порано од очекуваното.

Шефот на Делегацијата, Илија Димовски, во своето обраќање пред присутните, се заблагодари на искрените честитки и истакна дека потпишувањето на Пристапниот договор за членство на нашата земја во НАТО претставува финализација на нашата евроатлантска интеграција. Укажа дека нашата држава презеде болни и тешки одлуки кои заслужуваат почит од сите НАТО сојузници, при што потенцираше дека нашата држава е таа која најмногу направи во конечното разрешување на овој тридецениски спор. 

„Овие резултати се дело на сите досегашни влади и парламенти, на кои членството во евроатлантските структури секогаш беше врвен стратешки и државен приоритет. Како вчера да беше кога нашето собрание уште во 1993 г. за прв пат одлучи дека нашиот пат е заедно со вас, НАТО сојузниците", рече Димовски.

Искрено се заблагодари на колегите од грчкиот, словенечкиот и албанскиот парламент кои веќе го ратификуваа Пристапниот протокол и побара поддршка за брзо завршување на постапката и во преостанатите 26 парламенти. Воедно, ја пренесе подготвеноста на нашето Собрание да го ратификува Вашингтонскиот договор, за што верува дека ќе има едногласност меѓу сите пратеници во Македонското собрание.

Шефот на Делегацијата, Илија Димовски и членот Весел Мемеди остварија срдечна средба со Медлин Мун, претседател на ПС на НАТО, која уште еднаш упати искрени честитки за постигнатиот успех и храбрите одлуки на двата парламента. Изрази уверување дека двете земји ќе отпочнат ново поглавје во својата заедничка историја, како две рамноправни и партнерски држави-членки на НАТО. 

На втората сесија, на која учествуваа сите делегации во ПС на НАТО, свое обраќање имаа претседателката на ПС на НАТО, Медлин Мун и заменик-генералниот секретар на НАТО, Алехандро Алваргонзалес, по што следеше Панел-дискусија посветена на „Стратешките комуникации и евроатлантската безбедност - предизвици и можности". 

На темата за дезинформациите и нивното влијание во политиката и во целокупниот општествен живот, потпретседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Весел Мемеди, активно се вклучи во дискусијата, потенцирајќи дека е потребна поголема заштита за да загубите од овие напади бидат поподносливи. Имено, како нужност се налага стратегија која во богатството на информации ќе даде одговор како да се одбраниме од оние кои ги злоупотребуваат истите и ги користат за рушење на базичните општествени вредности. Овие процеси повлекуваат и соодветно прилагодување и на НАТО и на сите земји членки, за да може подготвено да се одговори на овие закани.

Во агендата на заедничките состаноци беше и Специјалната сесија со Ненси Пелоси, спикер на Конгресот на САД, која се осврна на 70-годишниот јубилеј на НАТО, кој се одбележува оваа година. Потенцираше дека уште во далечната 1949 годинаа кога американскиот претседател Труман го потпиша Северноатлантскиот договор, имаше визија дека се формира светска организација чија единствена причина за постоење ќе биде перманентен мир во целиот свет. НАТО, и после 70 години, и понатаму останува заштитник на овие вредности, кои континуирано ги унапредува, споделува и прилагодува на предизвиците на модерното време.  

Потпретседателот на Собранието, Весел Мемеди, ја праша почитуваната Пелоси за нејзиното мислење околу влијанието на Преспанскиот договор врз начинот на решавање на билатералните прашања меѓу земјите од Регионот, особено за Србија и Косово, при што одговорот беше недвосмислен – не само што верува дека Преспанскиот договор ќе биде модел за решавање на сите отворени билатерални прашања, туку и синоним на цврстина и храброст во носењето на важни и тешки политички одлуки.  

Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Федерика Могерини, во своето обраќање до парламентарците се фокусираше на заедничката соработка во одбраната меѓу ЕУ И НАТО, при што истакна дека јакнењето на меѓусебните односи на овој план треба да се гледа низ призмата на инвестирање во иднината на ЕУ и на НАТО. Големите инвестиции во одбранбените капацитети на ЕУ не се замислени како противтеза на НАТО, туку како зајакнување на Алијансата, колективна одбрана и начин како да се заштитат сите граѓани на ЕУ, од кои 95% живеат во земјите на НАТО. Новоформираниот институт Песко е насочен особено кон инвестиции во технолошки иновации, преку 34 проекти финансирани од Европскиот одбранбен фонд, кои се имплементираат заедно со НАТО.  

Потпретседателот Мемеди во прашањето до Могерини ја постави потребата од посилна соработка меѓу НАТО И ЕУ, особено кон помалите земји, кои очекуваат поголема поддршка во нивното консолидирање кон овие две големи меѓународни организации. Поголемото внимание кон помалите земји ќе го намали ризикот од замешување на трети страни кои само можат да пречат на процесите. 

Могерини во својот одговор најпрвин упати искрени честитки за силниот исчекор на Република Северна Македонија во НАТО алијансата, при што особено акцентираше дека нема мали и големи земји, нема потреба да се категоризираме во мала земја, бидејќи токму оваа мала земја покажа голема храброст и силна определба да го заземе своето вистинско место. Поентираше дека НАТО И ЕУ и понатаму остануваат силни партнери на полето на одбраната и заштитата на заедничките демократски вредности и принципи.

Во натамошниот дел на сесиите, предвидени се обраќања на конгресменот Мајкл Тарнер (поранешен претседател на ПС на НАТО); Џон Манца, помошник-генрален секретар на НАТО за операции; Камил Гранд, помошник-генерален секретар за инвестиции во одбраната, како и други високи личности од меѓународната политика. Посебен амбасадорски панел е посветен на 70-годишнината на НАТО и иднината на Алијансата.

На овие редовни годишни состаноци се покануваат делегациите само од земјите членки на НАТО, а во контекст на потпишувањето на Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО од страна на сите земји членки на НАТО на 6 февруари 2019 г., Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во ПС на НАТО за прв пат е поканета да учествува на овие состаноци во полноправен капацитет.

Click