Активности

Недела, 9 септември 2018 година

Средба на г. Талат Џафери, претседател на Собранието на Република Македонија со г. Рон Џонсон, сенатор од САД

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г.Талат Џафери, денеска го прими Рон Џонсон, сенатор на Соединетите Американски Држави.

Високиот гостин истакна дека е дојден во Република Македонија да ја пренесе и да ја потврди поддршката што Соединетите Американски Држави ја даваат на нашата држава за надминување на последната пречка кон полноправното членство во НАТО, подвлекувајќи дека членството во НАТО ја гарантира безбедноста на Република Македонија, а со тоа се поттикнува растот на економијата, што всушност е и примарната цел. Тој, исто така, се заблагодари за досегашниот придонес на нашата земја во НАТО мисиите и за определбата за трошење на 2% од БДП за одбраната.

Претседателот Џафери рече дека посетата на Џонсон е континуитет на поддршката од САД, и ја искористи пригодата да му се заблагодари за триесетгодишната помош и поддршка што САД ѝ ја даваат на Република Македонија. Претседателот, исто така, изрази благодарност и за позитивниот ангажман на Амбасадата на САД во Република Македонија и на нивниот персонал на чело со Н.Е. Џес Бејли, во минатото и сега.

Претседателот Џафери зборуваше за активностите што Собранието на Република Македонија ги има во врска со кампањата за референдумот и за начинот на нејзината реализација. Тој го информира гостинот дека Собранието на Република Македонија има потполн легитимитет, како претставничко тело на граѓаните, имајќи ги предвид интересите на државата, да го води и заокружи процесот по референдумот, сè до зачленување во НАТО.

Претседателот Џафери понатаму го увери високиот гостин дека Република Македонија е потполно свесна за тоа кои и се стратегиските партнери и стратешката цел на земјата, особено затоа што поддршката на граѓаните за членство во НАТО и ЕУ никогаш не билa под 70%, а најчесто и многу повеќе.

Click