Активности

Вторник, 22 јануари 2019 година

Средба на претседателот Џафери со генералниот секретар на Советот за регионална соработка Брегу

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, оствари средба со новиот Генерален секретар на Советот за регионална соработка (СРС) Мајлинда Брeгу, во рамките на нејзината посета на Република Македонија.

Претседателот Џафери ѝ го честита на Брегу назначувањето на функцијата и ѝ посакa успех во напорите за зајакнување на регионалната соработка во Југоисточна Европа. Toj потенцираше дека високо ја цени улогата на Советот за регионална соработка, како „оперативна рака“ на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), нагласувајќи дека Собранието на Република Македонија е активен учесник во Парламентарното собрание на ПСЈИЕ и претседавач со Генералната комисија за правда, внатрешни работи и безбедносна соработка.

Претседателот на Собранието на Република Македонија се осврна на состојбата во земјата и регионот, како и неопходноста за унапредување на добрососедските односи и соработка, при што како пример ги наведе договорите што Република Македонија ги постигна со своите соседи Бугарија и Грција.

Генералниот секретар Мајлинда Брегу, изрази задоволство што нејзината  посета се реализира во одличен политички момент за земјата и за регионот. Таа упати честитки за усвојувањето на уставните амандмани и Законот за употреба на јазиците, изразувајќи надеж дека во најскоро време Договорот од Преспа ќе биде ратификуван и во грчкиот парламент.

Брегу нагласи дека во фокусот на активностите на Советот за регионална соработка се мобилноста, конкурентноста, поврзаноста и владеењето на правото во земјите од ЈИЕ. Во врска со ова, таа информираше дека во моментов во Скопје во тек е втората рунда на преговори за заедничко признавање на дел од дипломите меѓу земјите од Западен Балкан, што се очекува да резултира со Спогодба, со која ќе се обезбедат еднакви услови за прифаќање на професионалните квалификации и непречено движење на професионалците од регионот.   

Генералниот секретар на СРС го истакна значењето на поврзаноста на регионот и потребата за интегрирање на економиите во единствен пазар и нагласи дека Советот е подготвен да им помогне на земјите од ЈИЕ во процесот на европска интеграција.

Изразувајќи задоволство од визијата и приоритетите на Брегу за идните активности на Советот за регионална соработка, претседателот Џафери изрази надеж за понатамошна плодна соработка меѓу парламентите од регионот и СРС.

Соговорниците се согласија дека регионалната соработка е клучна компонента за евроинтеграцијата на земјите од ЈИЕ и оценија  дека се потребни видливи резултати на овој план, што е битен предуслов за стабилноста и просперитетот на регионот.

 

Click