Активности

Вторник, 26 февруари 2019 година

Средба на претседателот Џафери со поранешниот претседател на Република Албанија, г. Алфред Мојсиу 

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Талат Џафери, оствари средба со поранешниот претседател на Република Албанија, г. Алфред Мојсиу, којшто е во Скопје по повод одбележувањето на 15-годишнината од трагичниот настан кај Мостар, во кој животот го загуби претседателот на Републиката Борис Трајковски.

Претседателот Џафери се заблагодари за покажаната почит кон ликот и делото на поранешниот претседател на Републиката и рече дека ова е потврда дека меѓу двете земји постои искрен пријателски однос, којшто од ден на ден е се поцврст и посилен, надграден со соработка на сите нивоа, како политички, така и економски, меѓутоа секако и пријателски и семејни врски меѓу граѓаните на двете земји. 

Претседателот Џафери информираше дека по потпишувањето на пристапните протоколи за НАТО, очекувањата се во јуни оваа година да бидеме во позиција да добиеме и датум за пристапни преговори со ЕУ, тоа е нешто на кое се посветени сите прогресивни сили во Република Северна Македонија.

Поранешниот претседател на Република Албанија се заблагодари за можноста за средба со претседателот Џафери и ја искористи пригодата да упати честитки за големиот успех кој го постигнавме како држава во насока на надминување на повеќедеценискиот спор со Република Грција и укажа дека заемната комуникација и дијалог се единствениот начин на наоѓање на заемно прифатливи решенија и единствениот начин за целиот регион да има безбедна, напредна и економски стабилна иднина. Моделот на Северна Македонија е модел кој е пример за решавање и на останатите отворени прашања кои го оптоваруваат и усложнуваат заедничкиот напредок на целиот Западен Балкан.

Двајцата соговорници ја потенцираа важноста од зајакнувањето на економската и трговска соработка меѓу двете земји а и во целиот регион и изразија надеж дека регионалната соработка ќе се интензивира и продлабочува уште повеќе за доброто на сите граѓани.

Click