Активности

Понеделник, 26 март 2018 година

Средба на претседателот Џафери со претседателот на Големото национално собрание на Турција и претседателката на Народното собрание на Република Бугарија  

Во рамките на 138. Собрание на Интерпарламентарната унија (ИПУ), што се одржува од 24 до 28 март 2018 година во Женева, Швајцарска конфедерација, претседателот на Собранието на Република Македонија г. Талат Џафери, оствари одделни средби со претседателот на Големото национално собрание на Турција г. Исмаил Кахраман и претседателката на Народното собрание на Република Бугарија г-ѓа Цвета Карајанчева.

Средбите беа одржани со цел да се разменат мислења за иднината на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПС на ПСЈИЕ). 

Претседателот на Собранието, г. Џафери им го претстави на  соговорниците предлогот на Собранието на Република Македонија за надминување на долгогодишниот застој за изнаоѓање решение за седиште на Секретаријатот на ПС на ПСЈИЕ, за кое кандидати се Турскиот и Бугарскиот парламент. Предлогот првично бил презентиран на Седница на Постојаниот комитет, одржана на 16 и 17 март во Блед, Словенија и истиот добил позитивен прием од пратеничките на земјите учеснички во ПСЈИЕ. 

Истакнувајќи дека двете страни несомнено имаат силни аргументи за прифаќање на нивниот предлог за седиште на Секретаријатот, г. Џафери оцени  дека сè додека се одлучува со консензус, а двете страни цврсто стојат на своите предлози, невозможно е да се постигне решение. Токму затоа, Собранието на Република Македонија предложи да се размислува за ротација на седиштето на Секретаријатот и именувањето на генералниот секретар на ПС на ПСЈИЕ во период од пет години, односно додека седиштето на Секретаријатот е во една од двете земји кандидати, генералниот секретар да биде претставник на другата земја и обратно.

Претседателот на Националното собрание на Република Турција, г. Исмаил Караман и претседателката на Народното собрание на Република Бугарија, г-ѓа Цвета Карајанчева, изразија благодарност за предлогот, кој го оценија како позитивен чекор кон конечно разрешување на прашањето за кое ПС на ПСЈИЕ  дискутира повеќе години. Беше договорено разговорите за овој предлог да продолжат со поголема динамика во наредниот период. 

Соговорниците беа согласни дека е неопходно што поскоро да се формира Секретаријатот на Парламентарното собрание на ПСЈИЕ, со што ќе се овозможи пошироко политичко влијание и видливост на ПСЈИЕ и ќе се зајакне соработката меѓу парламентите учеснички во Процесот, како и соработката со другите меѓупарламентарни собранија.

На одделните средби беа разменети и мислења за билатералните односи и парламентарната соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, како и меѓу Република Македонија и Република Турција.

Click