Активности

Среда, 13 март 2019 година

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО ТЕОДОР ВИОРЕЛ МЕЛЕСКАНУ, МИНИСТЕР ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ НА РОМАНИЈА

Во рамки на работната посета на Романија по повод присуството на чинот на ратификација на Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО алијансата во Сенатот на Романија, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Талат Џафери, во придружба на претседателот на Пратеничката група за соработка со Романија, г. Панчо Минов, оствари билатерална средба со министерот за надворешни работи на Романија, г. Теодор Виорел Мелескану.  

Министерот Мелескану му посака добредојде на претседателот Џафери и воедно упати честитки за усвоените уставни измени и досегашните успешни чекори во реформскиот и интеграцискиот процес. Тој истакна дека Романија досега пружила безрезервна поддршка на нашата земја во нејзиниот пат кон членство во НАТО и ЕУ, а сега со романското претседателство со Советот на ЕУ, директно ќе се залага за Република Северна Македонија во јуни да добие покана за датум за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ. Министерот Мелескану потсети дека Романија како една од помладите членки во ЕУ, подготвена е да ги сподели искуствата и експертизата за текот на процесот и отворањето на Поглавјата за полноправно членство во ЕУ. 

Претседателот Џафери изрази големо задоволство од средбата и се заблагодари за безусловната и постојана поддршка на Романија на нашиот пат кон целосна евроатланска интеграција. Тој подвлече дека Република Северна Македонија се залага за градење на добри и конструктивни билатерални односи со Романија, базирани врз конструктивен и отворен политички дијалог, партнерски однос и заемна соработка, особено на културен, образовен и економски план. 

Соговорниците се осврнаа и на економската соработка, преку креирање на заемен Бизнис форум и трговска размена, а разговараа и за унапредувањето на правата на малцинствата претставувани во двете земји. Тие се согласија дека во иднина ќе продолжат со зајакнување на натамошната соработка и поддршка меѓу двете пријателски земји.