Активности

Недела, 12 мај 2019 година

Средба на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери со Претседателот на Република Бугарија Румен Радев                                         

На инаугурацијата на новоизбраниот претседател на Република Северна Македонија, меѓу другите гости беше присутен и претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, со кого претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери оствари кратка протоколарна средба.

Претседателот Џафери му посака добредојде на гостинот и воедно се заблагодари за присуството на инаугурацијата, со што уште еднаш се покажа на дело дека односите меѓу двете соседни земји се позитивни, и секако треба да продолжат во таа насока. Тој исто така рече дека присуството на првите соседи на овој свечен чин за нашата земја е и одлична порака до меѓународната заедница, до Европската Унија и регионот дека во регионот сме детерминирани да го оставиме минатото зад нас. Претседателот на Собранието се заблагодари и за поддршката што Република Бугарија ја дава во насока на нашето пристапување во НАТО и ЕУ и изрази надеж дека во јуни ќе добиеме зелено светло за почеток на преговорите со ЕУ, имајќи предвид дека сиот потенцијал е ангажиран во исполнување на европската агенда и потребните реформи.

Претседателот Радев, изрази задоволство што беше присутен на инаугурацијата и од можноста да се сретне повторно со претседателот Џафери а потоа и со новоизбраниот претседател Пендаровски. Потврди дека односите меѓу двете земји се одлични и искажа готовност тие да продолжат, да се интензивираат, дури и да станат секојдневна практика. Потребни сме си едни на друг затоа што проблемите ни се заеднички, не се изолирани. Се разбира, покрај институционалната соработка, најбитно е инфраструктурното поврзување и затоа е потребно да се забрза железничкото поврзување меѓу двете земји, како единствени на Балканот што не се поврзани на тој начин и се разбира Коридорот 8. Претседателот Радев ги понуди сите расположливи ресурси за што е можна подобра соработка во сите полиња, безбедноста, военото образование, културата, образованието, а пред се во насока на пристапувањето, бидејќи отворањето на Поглавјата со ЕУ не е воопшто лесен процес.