Активности

Понеделник, 19 февруари 2018

УЧЕСТВО НА ПРАТЕНИЦИТЕ КОСТАДИНОВ И ИСМАИЛИ НА РАБОТИЛНИЦА ВО ВИЕНА

Пратениците Костадин Костадинов и Реџаиљ Исмаили, од 13 до 15 февруари 2018 година, во Виена, учествуваа на работилница организирана од Светската трговска организација (СТО) на тема Регионална трговска политика за претставници на параламентите на земјите од Централна и Источна Европа, Централна Азија и Кавказ.

На работилницата свое излагање имаше и пратеникот Костадин Костадинов при што истакна дека Република Македонија останува сериозно и темелно посветена на исполнување на обврските кои што произлегуваат од нашето членство во СТО. Во 2003 година, Република Македонија стана 143. членка на Светската трговска организација. Членството во СТО наметна натамошна либерализација во трговската политика на Република Македонија, како и имплементација на бројни реформи во однос на царинската политика, стандардите и транспарентноста. Паралелно со напорите за трговско интегрирање во рамките на СТО, Република Македонија презеде активности за унапредување на односите со важните тековни или потенцијални трговски партнери преку потпишување на билатерални или регионални договори за слободна трговија. Македонија ги спроведува обврските кои произлегуваат од мултилатералните трговски спогодби на СТО. Согласно обврските, Република Македонија секоја година врши хармонизација на своето законодавство преку намалување на стапките во Царинската тарифа на повеќе производи.

Дополнително, Македонија е потписник на двете плури-латерални трговски спогодби, односно Спогодбата за трговија со цивилно воздухопловство и Министерската декларација за трговија со производи од информатичка технологија. Дека Република Македонија е посветена на проширувањето на слободната трговија, говори и примената на Република Македонија на  најновата Спогодба за олеснување на трговијата. Спогодбата за олеснување на трговијата (WTO Agreement on Trade Facilitation)  официјално влезе во сила на 22 февруари 2017 година. Спогодбата веќе стана дел од домашното законодавство, и нејзината примена ќе обезбеди поедноставување на царинските постапки низ ефикасна соработка помеѓу царината и надлежните инспекции за контрола при увозот, извозот и транзитот на стоките, со цел за олеснување на трговијата на граница. Директни корисници на спогодбата се приватниот сектор, како што се увозниците, извозници, шпедитери, транспортери на стока и други. 

Во 2017, Владата формира Информативно тело во надлежност на Царинската Управа и Национален комитет за олеснување на трговијата. Република Македонија во  2013 година, отпочна нови преговори за плури-латералната Спогодба за јавни набавки и се стекна со статус набљудувач, како прва фаза од пристапниот процес. Втората фаза што следи е започнување на преговори за потпишување на Спогодбата на СТО за јавни набавки. Во таа насока, Владата на Република Македонија ја утврди динамиката на активностите според која на почетокот на 2017 година до Секретаријатот на СТО и достави барање за започнување на преговорите заедно со одговорите на Прашалникот од Комитетот на СТО за јавни набавки. Иницијалната понуда се базира на усогласеноста на системот за јавни набавки со директивите на Европската унија, и во таа насока, во ноември 2017, Македонија подготви Иницијална понуда која беше доставена на консултации до Европската комисија.

Во однос на вклученоста на пратениците во меѓународната трговија и Светската трговска организација, беше истакнато дека иако парламентите имаат лимитирана улога во водењето на трговската политика, пратениците се активно вклучени во усогласувањето на законодавството, но и во надзорот на имплементацијата на Владата на преземените обврски во оваа област. Во иднина би било добро да има повеќе прилики за интензивирање на соработката со пратеници од различни земји, преку одржување на билатерални и мултилатерални средби помеѓу членовите на парламентарните комисии надлежни за трговија и економска соработка, со цел размена на искуства и добри практики, и подигнување на нивото на соработка помеѓу нашите земји. Секако учеството на еден ваков одличен настан во организација на Светската трговска организација е чекор во таа насока, и се изрази надеж дека истата ќе продолжи и во иднина.

Click