Активности

Сабота, 16 декември 2017 година, Љубљана

Учество на пратеникот Локвенец на седница на Постојаниот комитет на ПС на ПСЈИЕ

Пратеникот г. Хари Локвенец учествува на седницата на Постојаниот комитет на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПС на ПСЈИЕ), што се одржува на 15 и 16 декември 2017 година во Љубљана, Република Словенија, во рамките на Словенечкото претседателство со ПСЈИЕ.

Седницата на Постојаниот комитет ја отвори г. Милан Брглез, претседател на Националното собрание на Република Словенија и на Парламентарното собрание на ПСЈИЕ. Тој оцени дека ПС на ПСЈИЕ е водечка парламентарна организација во регионот, што претставува вистинска платформа за соочување со предизвиците со кои се соочува Југоисточна Европа. Словенечкото парламентарно претседателство со Процесот ќе се фокусира на изнаоѓање на решение за што поскоро формирање на постојан Секретаријат на Парламентарното собрание.

Приоритетите на Словенечкото претседателство со ПСЈИЕ пред пратениците ги презентираше г. Матеј Марн од Министерството за надворешни работи на Словенија. Претседателството се одвива под мотото „Југоисточна Европа за иднината“ (SEE4Future), со четири главни приоритети: проширување на Европската унија, безбедна Европа, позитивна перспектива за младите и дигитална трансформација на општеството.

Господинот Газменд Турдиу, заменик-генерален секретар на Советот за регионална соработка (СРС), се осврна на активностите и клучните проекти на Советот.

Господинот Хари Локвенец учествуваше во дискусијата на тема: „Натамошен развој и перспективи на Парламентарното собрание на ПСЈИЕ“. Тој изрази уверување дека членовите на Парламентарното собрание се подготвени да придонесат за зацврстувањето и натамошниот развој на ПСЈИЕ, кој претставува автентичен глас на регионот, а во европски контекст е прифатен како динамичен и перспективен политички форум за дијалог и соработка.

Според г. Локвенец, значајно место и улога во Процесот зазема парламентарната димензија, бидејќи мултилатералната и билатералната соработка на парламентите во голема мера може да придонесат за трансформирање на регионот во зона на мир, безбедност, стабилност, солидарност и добрососедски односи. Истакнувајќи дека Парламентарното собрание треба да дејствува како постојан парламентарен форум за размена на искуства, дијалог и соработка за прашањата од особен интерес на земјите од ЈИЕ и нејзините граѓани, тој оцени дека е неопходно што поскоро да се формира постојан меѓународен секретаријат на Собранието, со што уште повеќе ќе се зајакне соработката меѓу националните парламенти, како и соработката со другите меѓупарламентарни собранија. Секретаријатот ќе придонесе и за пошироко политичко влијание и видливост на Процесот за соработка во Југоисточна Европа и зајакнување на институционалните и политичките аспекти на Југоисточна Европа како регион.

Парламентарното собрание на ПСЈИЕ, во кое членуваат парламентите на земјите на Југоисточна Европа: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Косово, Македонија, Молдавија, Романија, Словенија, Србија, Турција, Хрватска и Црна Гора своите цели и задачи ги базира на принципите на регионална сопственост и европска интеграција. Парламентарното собрание игра значајна улога во промовирањето на парламентарното учество и олеснувањето на интерпарламентарниот дијалог и соработка во регионот, како и во поттикнувањето на процесот на интеграција во Европската Унија. 

Click