Активности

Понеделник, 25 февруари 2019 година

Учество на Собраниска делегација на пленарна сесија на Парламентарното собрание на Медитеранот

Во рамките на 13. пленарна сесија на Парламентарното собрание на Медитеранот (ПСМ), што се одржа во Белград, Република Србија, свое учество имаше и Собраниската делегација на ПСМ во состав: Емил Димитриев - шеф на Делегацијата и Чедомир Саздовски, член на Делегацијата.

Во работниот дел на Конференцијата беа презентирани извештаите од работата на постојаните комитети на ПСМ и беа предложени и усвоени повеќе резолуции, како што се: „Заканите од тероризмот во Евромедитеранскиот регион“, „Политичката и безбедносна стабилност во МЕНА регионот и Западен Балкан“, како и резолуциите од областа на климатските промени, миграцијата и човековите права. Македонската делегација со своите гласови го поддржа усвојувањето на овие резолуции.

Исто така, во рамките на оваа сесија, беа избрани нови членови на Бирото на ПСМ, како и претседател и потпретседател на ПСМ. За претседател на ПСМ беше избрана Алија Буран од Јордан, со што заврши досегашниот двегодишен мандат на Педро Роки, додека за потпретседател беше избран Карим Абдул Дариш од Египет.

На крајот на конференцијата беше утврдено дека наредната пленарна сесија на Парламентарното собрание на Медитеранот во 2020 година ќе се одржи во Атина, Република Грција.

Click