Активности

Четврток, 21 јануари 2021

Средба на претседателот Џафери со Н.Е. Вуцас

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери се сретна со амбасадорот на Република Австрија во Република Северна Македонија, Н.Е. Георг Вуцас. 

Претседателот Џафери изрази задоволство што во австрискиот парламент неодамна е формирана Група за пријателство со Собранието и што претседателката на Групата, г-ѓа Стефани Криспер, во допис до претседателот на Групата од наша страна, пратеникот Арбер Адеми, иницира интензивирање на соработката во насока на поддршка на нашите аспирации за започнување на преговорите за членство во Европската унија. 

Тој истакна дека, во Република Северна Македонија високо се цени фактот што Австрија отворено се залага за процесот на проширување на ЕУ и дава силна поддршка на спроведувањето на реформите, пред сè во поглед на стабилноста и владеењето на правото. Џафери изрази надеж дека на австриската поддршка ќе можеме да сметаме и во наредниот период.

Амбасадорот Вуцас, нагласи дека со жалење ја примија веста за неодржувањето на првата меѓувладина конференција за почеток на пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија и ја повтори позицијата на Австрија дека државите од Западен Балкан и историски и географски припаѓаат на Европа и дека без членство на овие држави, Европската Унија не е целосна. За Република Северна Македонија рече дека, претставува светол пример за тоа како со добра волја се надминуваат разликите и се постигнува целта.  Двајцата соговорници изразија посветеност за продолжување на соработката и во однос на формирањето на Работилница за демократија во Собранието на Република Северна Македонија по урнекот на онаа која делува во рамките на австрискиот парламент.

Click