Делегации

Среда, 17 октомври 2012 година

Излезе дваесет и петтото Издание на билтенот на МПК РМ-ЕУ

Дваесет и петтото издание на Билтенот на Мешовитиот парламентарен комитет – Република Македонија и Европската унија (МПК – РМ и ЕУ) ги опфаќа активностите на Собранието на Република Македонија во месецсептември 2012 година. Клучен настан е средбата на евро-комесарот за проширување и политика на соседство, г. Штефан Фуле во Собранието на Република Македонија пред одржувањето на состанокот од Претпристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД) во Владата на Република Македонија.

Комесарот Фуле ја поздрави активната улога на Собранието на Република Македонија во процесот, како и работењето на Националниот совет за евроинтеграции кој обезбедува сеопфатност и единство во државата. Во однос на ХЛАД, Комесарот Фуле истакна дека процесот донел добри резултати кои иницирале реформи во клучните области и дека последниот состанок претставува врска меѓу Извештајот за напредокот на Република Македонија за 2012 година и одлуката на земјите членки на Европскиот совет во декември оваа година. На крајот, комесарот Фуле нагласи дека ХЛАД во целост е успешна приказна.

Во Билтенот особено значајно место зазема учеството на претседателот Вељаноски на конференцијата на претседатели на парламенти во Парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур и неговите обраќања на две значајни теми: „Иднината на Европскиот суд за човекови права: улогата на националните парламенти“ на која, меѓу другото, претседателот Вељаноски истакна дека за држави со мултиетнички, мултирелигиозен и мултикултурен состав, каква што е Република Македонија, заштитата на правата на етничките заедници е посебно значен индикатор за степен на развојот на демократијата, како и за согласноста со европските стандарди и вредности. Рамноправноста на етничките заедници кај нас длабоко е вградена во нашиот уставен и законодавен ситем при што е имплементиран Охридскиот рамковен договор, донесен со поддршка на меѓународната заедница.  Во однос на темата „Дали репрезентативната демократија е во криза? Предизвик за националните парламенти“, претседателот Вељаноски ја цитираше дефиницијата на Абрахам Линколн за демократијата како „владеење на народот, од народот и за народот“, што во услови на парламентарна демократија би значело „владеење на народни претставници“, но во склад и според желба на народот, по што се доаѓа до суштинската идеја на демократијата дека граѓаните да имаат право да одредат и одлучат кој ќе владее со нив. Во таа смисла, граѓаните веруваат во демократијата и очекуваат од своите претставници да ги исполнат нивните очекувања.

Меѓу останатите вести претставена е и јавната расправа на Националниот совет за евроинтеграции за донесување на Законот за изменување и дополнување на Законот за полиција, при што на истата беа изнесени мислења дека Законот за полиција е особено значаен закон и за неговите измени е потребна продлабочена расправа и суштинска анализа и допрецизирање особено на одредбите од законот кои се однесуваат на заштитата на човековите права и слободи. Исто така, осврт е даден и на јавната расправа на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите на Собранието на Република Македонија за „Националниот акциски план за имплементација на Резолуцијата 1325 на Советот за безбедност на ОН“ (нацрт-верзија), при што се донесе заклучок во работата на интер-ресорската работна група да учествува член од Комисијата за еднакви можности на жените и мажите на Собранието на Република Македонија и да има поголема медијациска улога на жените во превенцијата и менаџирањето на конфликтите во земјата и регионот.

Последниот број на Билтенот, како и неговите минати изданија, можете да ги прочитате на следнава адреса:
http://www.sobranie.mk/?ItemID=CE34543E8A02C145AEDBFA3FCA5837CE

a за повеќе информации за активностите на МПК, одете на следниов линк:
http://www.sobranie.mk/?ItemID=B052DC5680964D41A79CCA558F2A68E4

Click