Делегации

Петок, 14 јуни 2013 година

МАЈСКО ИЗДАНИЕ НА БИЛТЕНОТ НА МПК

Актуелното издание на а Билтенот на Мешовитиот парламентарен комитет – Република Македонија и Европската унија (МПК – РМ и ЕУ) дава преглед на бројните евроинтегративните активности на Собранието на Република Македонија во мај 2013 година, кога се одржа и 11-тиот Состанок на Мешовитиот парламентарен комитет – Република Македонија и Европската унија во Европскиот парламент во Стразбур.

За прв пат во историјата на Мешовитиот парламентарен комитет, дебатата резултираше со усвојување на Завршни препораки без амандмани и со конензус од страна на пратениците од Собранието на Република Македонија и Европскиот парламент. Во препораките, пратениците и европратениците го повикаа Советот на Европската унија да и додели на Република Македонија датум за почеток на преговори за членство, согласно напредокот нотиран во Пролетниот извештај на Европската комисија и согласно препораките дадени неколку пати по ред од страна на Европската комисија и Европскиот парламент.

Во делот на активностите на Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, во Билтенот е претставена посетата на Ирска, на која беа потврдени одличните пријателски односи меѓу двете земји . Од македонска страна беше искажана благодарност на Ирска за употребата на уставното име во билатералната комуникација и беше нагласена потребата од продлабочување на парламентарната соработка во иднина. Во светло на одбележувањето на денот на Св. Кирил во Рим, претседателот Вељаноски имаше аудиенција кај новиот папа Франциск, истакнувајќи дека длабоко e убеден дека под раководство на папата Франциск, Светата Столица ќе продол­жи да дава свој незаменлив и суштински придонес во зацврстувањето на верувањето во Господ и во традиционално добрите односи меѓу Светата Столица и Репуб­лика Македонија. Поглаварот на Римокатоличката црква изрази поддршка кон македонскиот народ и нагласи дека Македонија има дадено многу за христијанството.

На крај, направен е преглед на билатералната посета на Делегација од Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија на Република Ковосо. На средбите беа потврдени добрососедските односи меѓу нашите две држави и беше истакната интенцијата за продлабочување на севкупната билатерална соработка. Исто така, во билтенот опфатена е посетата на Делегација од Комисијата за европски прашања на Естонскиот парламент,  на која од македонска страна и беше изразена балгодарност за Резолуцијата која заеднички ја усвоија Парламентите на трите балтички земји, Естонија, Летонија и Литванија, во која јасно се кажува преговорите на Република Македонија со Европската унија да започнат веднаш, без разлика на нерешениот спор во врска со името со Република Грција.

Последниот број на Билтенот, како и неговите минати изданија, можете да ги прочитате на следнава адреса:http://www.sobranie.mk/?ItemID=CE34543E8A02C145AEDBFA3FCA5837CE

a за повеќе информации за активностите на МПК, одете на следниов линк:
http://www.sobranie.mk/?ItemID=B052DC5680964D41A79CCA558F2A68E4

Click