Делегации

Среда, 14 декември 2011 година

Празнично издание на Билтенот на МПК

Во пресрет на божиќните и новогодишните празници, Билтенот на МПК ја одбележува втората годишнина од објавувањето на првото негово издавање. Во актуелното издание, копретседавачот на МПК, г. Кенан Хасипи, заедно со двајцата копретседавачи, г. Андреј Петров и г-ѓа Ермира Мехмети Деваја, се обратија заеднички со новогодишна честитка до европратениците и колегите во Европскиот парламент.

„И покрај фактот што доаѓаме од различни политички партии од власта и од опозицијата и покрај тоа што припаѓаме на различни етникуми, обединети сме во желбата да продолжиме со извршувањето на потребните реформи и да го унапредиме процесот на интеграција на Собранието и на Република Македонија во Европската унија. Приоритет на нашата држава, на граѓаните и на сите политички партии во земјата и натаму останува добивањето на датум за  отпочнување на преговори за членство во ЕУ. Искрено се надеваме дека обновената препорака на Европската комисија оваа година ќе биде земена предвид на следниот самит на Советот на Европската унија, со што Македонија ќе може да влезе во следната фаза од своето евроинтегрирање и дека ние како пратеници од двата парламента, заеднички ќе работиме за што поскоро остварување на таа цел”, се истакнува во честитката до европратениците.

Во делот на активности на Собранието поврзани со процесот на евроинтеграции, претставена е посетата на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, на Обединетото Кралство и средбите со неговите колеги во двата дома на Британскиот парламент, на кои јасно беше изразена поддршката што Обединетото Кралство ја дава на Република Македонија во процесот на пристапување во НАТО и Европската унија и задоволството од досегашната парламентарна соработка. Исто така, преставени се и двете посети на Делегација од Комисијата за европски прашања од Собранието на Република Македонија на Европскиот парламент и средбите со европратеници во Европскиот парламент, како и билатералната средба со Комисијата за европски прашања во Претставничкиот дом на Белгискиот парламент, на која беше изразена нивната поддршка за Република Македонија во усвојувањето на европските стандарди во процесот на пристапување кон ЕУ.

Последниот број на Билтенот, како и неговите минати изданија, можете да ги прочитате на следнава адреса:
http://www.sobranie.mk//mpk.nspx

а за повеќе информации за активностите на МПК, одете на следниов линк:
http://www.sobranie.mk/default.asp?ItemID=B052DC5680964D41A79CCA558F2A68E4

Click