Делегации

Четврток, 23 мај 2013 година, Стразбур
 
Завршни препораки на 11. состанок на МПК РМ-ЕУ
 
На Единаесеттиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет-Република Македонија и Европска унија, кој се одржа на 22 и 23 мај 2013 година во Европскиот парламент во Стразбур, Француската Република, учествуваше делегација на Собранието на Република Македонија во Мешовитиот парламентарен комитет-Република Македонија и Европска унија, предводена од г. Кенан Хасипи, претседател на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарниот комитет за стабилизација и асоцијација (копретседавач на овој комитет), г-ѓа Ермира Мехмети Деваја и г. Андреј Петров, потпретседатели на делегацијата, г-ѓа Силвана Бонева, г. Антонио Милошоски, членови на делегацијата и г. Беким Фазлиу, заменик-член.

На 11. состанок беа разгледани повеќе прашања во врска со односите на Република Македонија и Европска унија, а парламентарците од Собранието на Република Македонија и од Европскиот парламент имаа можност заеднички да дебатираат за повеќе прашања кои се однесуваа на актуелната политичка ситуација во државата во контекст на отпочнувањето на пристапниот дијалог на високо ниво, односно: владеењето на правото, вклучувајќи го дијалогот меѓу заедниците, реформите во судството и државната и јавната администрација, како и борбата против корупцијата, за слободата на изразување и медиумите, изборната реформа со осврт на локалните избори на 24 март и 7 април, зајакнувањето на пазарната економија со зголемување на социјалната кохезија, добрососедските односи и за алтернативните начини за користење на обновливи извори на енергија.

Дебатата резултираше со усвојување на Завршни препораки, каде парламентарците побараа од Советот на ЕУ да и определи на земјата датум за пристапни преговори со Европската унија, имајќи го предвид барањето на Советот до Европската комисија од декември 2012 година, како и минатите резолуции на Европскиот парламент за Извештајот за напредокот на земјата. Парламентарците го поздравија Претпристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД), кој обезбеди добра платформа за враќање на реформите и на ЕУ агендата во фокусот на јавните дискусии и претставуваше значаен катализатор за спроведување на реформи помеѓу Република Македонија и Европската комисија и заедничките заложби кои обезбедија вредна поддршка на процесот на пристапување на земјата, со фокусирање на клучните реформски приоритети.

Парламентарците го поздравија успешно реализираното претседателство на Република Македонија со Процесот за соработка во Југоисточна Европа, со што земјата уште еднаш ја потврди посветеноста за конструктивна регионална соработка.

Мешовитиот парламентарен комитет-Република Македонија и Европска унија го поздрави учеството на Република Македонија во билатерални и регионални рамки и ги зема предвид преземените чекори во билатералните односи со Бугарија и Грција и одржувањето добрососедски односи со сите соседи и изрази очекување формалните разговори за прашањето за името меѓу Република Македонија и Република Грција да внесат нов моментум со конечен исход.

Мешовитиот парламентарен комитет-Република Македонија и Европска унија ги поздрави ефикасно спроведените и конкурентни локални избори и земајќи ги предвид прелиминарните заклучоци на ОБСЕ/ОДИХР ги охрабри Владата и партиите да продолжат да работат на сеопфатна изборна реформа и целосно спроведување на препораките на ОБСЕ/ОДИХР. 

Парламентарците ги поздравија неодамнешните законодавни реформи во областа на слободата на изразување и медиумите во согласност со европските стандарди, особено декриминализацијата на клеветата и навредата и охрабрија поширока дебата по ова прашање, со што ќе се зајакне довербата меѓу Владата и Здружението на новинари.

Мешовитиот парламентарен комитет-Република Македонија и Европска унија го поздрави извештајот на Владата за натамошно спроведување на Охридскиот рамковен договор (ОРД) и вклучувањето на сите заедници во институциите на државата, преку мерки за вработување, образование, едукација и помош на помалку застапените заедници во земјата. Истовремено, препорача дека зајакнатиот политички дијалог ќе биде клучен фактор кон натамошен напредок во сферата на мултиетничкото, мултикултурното и мултирелигиозното општество со што ќе се елиминираат меѓуетничките инциденти и ризиците од поделеност по етничка линија.

Парламентарците ги поздравија законските промени и информативните кампањи за зголемување на ефикасноста и транспарентноста на судскиот систем, особено во поглед на Академијата за судии и обвинители, професионализмот и регрутирањето на судии засновано на заслуги, со што ќе се зајакне довербата на граѓаните во судските институции и ќе се елиминираат ризиците за независност и непристрасност на судството во пракса.

Беше нотирано зајакнувањето на анти-корупциската законска рамка за зголемување на транспарентноста во посебна истражна мерка и во однос на конфликтот на интереси, како и подобрувањето на верификационите капацитети на државните органи и нивните овластувања. Комитетот ја охрабри Република Македонија да воспостави регистер на пресуди за случаи на високо ниво и ги пофали достигнувањата на поле на борбата против организираниот криминал и заедничката ефикасна работа на државните органи во оваа област и ја поздрави добрата соработка на земјата со Интерпол и Европол.

Парламентарците ја поздравија ажурираната Стратегија за реформа на јавната администрација, која беше усвоена од страна на Владата во октомври 2012 година и побараа нејзина целосна имплементација за да се гарантира транспарентноста, професионалноста и независноста на јавната администрација.

Беа поздравени заложбите на земјата за одржување на макроекономската стабилност, добрата деловна клима и расчистувањето со сите преостанати платежни обврски и беше укажано на значењето на консултативен механизам и континуирани средби меѓу Владата, компаниите и синдикатите во изнаоѓање заеднички прифатливи мерки за ублажување на економската криза.

Во завршните препораки беше нотирана високата структурна невработеност, особено кај младите која поради економската криза, која претставува сериозен проблем како резултат на економската криза и во европските земји и беше поздравен Акциониот план за вработување на младите изготвен во соработка со програмата „Пристојна работа" на Светската организација на труд и мерките за самовработување, кредитирање и субвенционирање. Во таа насока, Комитетот ја охрабри Владата да продолжи да ги користи бенефитите на програмите од Инструментот за претпристапна помош (ИПА).

Во делот на обновливите извори на енергија и алтернативните начини на нивното искористување, парламентарците ја охрабрија владата да продолжи со мерките кои ќе овозможат влез на директни инвестиции, имајќи го предвид потенцијалот и географската поставеност на земјата, и беше поздравено донесувањето на законската регулатива согласно директивите на ЕУ за обновливи извори на енергија и поставената цел за 21% обновливи извори на енергија до 2020 година.
Click