Собраниско раководство



Вторник, 19 мај 2009 година

Претседателот на Сенатот на Чешката Република, г.Соботка во официјална посета на Република Македонија на покана на претседателот на Собранието на Република Македонија, г.Вељаноски



Во разговорите и двете страни ги истакнаа високо развиените односи меѓу двата парламента, односно вкупните билатерални односи помеѓу двете пријателски држави. Претседателот на Собранието, г.Трајко Вељаноски истакна дека Република Македонија високо ја цени принципиелната поддршка на Чешката Република во остварувањето на нашите евроатлантски интеграции. Како законодавен дом ние многу сериозно и одговорно ги остваруваме сите оние задачи кои се на нашата евроатлантска агенда. Потсетувајќи дека Република Македонија ги исполнила сите услови за укинување на визниот режим претседателот на Собранието, г.Трајко Вељаноски изрази уверувања дека до крајот на претседателството на Чешка во Европската унија, од страна на Европската комисија ќе добиеме препорака за визната либерализација за македонските граѓани, а до крајот на годинава и датум за отпочнување на преговорите. Ние сме дел од Европа, ние ги исполнивме сите критериуми, затоа со право очекуваме и доследно почитување на европските стандарди и принципи од страна на институциите на Европската унија, истакна претседателот на Собранието, г. Трајко Вељаноски.

Во врска со спорот со името претседателот на Собранието, г. Трајко Вељаноски истакна дека Македонија е за преговори и за компромис, но тој компромис не може да биде на штета на македонскиот национален, културен или јазичен идентитет. Затоа високо го цениме фактот дека Чешката Република во билатералните односи го користи нашето уставно име.

Претседателот на чешкиот Сенат, г.Соботка заблагодарувајќи се за посетата и разговорите истакна дека приоритет на Чешката Република, како претседавач со ЕУ, а и во иднина ќе биде полноправно членство на државите од регионот во ЕУ и во НАТО. Јас ја гледам Македонија како срце на регионот и затоа во целост, лично, но и како претседател на Сенатот ја поддржувам вашата евроатлантска определба бидејќи тоа е во ваш, но и во интерес на сите во Европа. Во тие рамки сакам да истакнам дека Република Македонија ги исполни сите услови за укинување на визниот режим, односно македонските граѓани слободно да патуваат во Европа. Сакам и во оваа пригода да изразам големо жалање за тоа што Македонија на Самитот на НАТО во Букурешт не доби покана за членство, иако ги исполни условите. Кога една држава станува членка на која било  меѓународна или мултилатерална организација тогаш мора да се почитува нејзиниот национален и културен идентитет, така треба да биде и во примерот со Република Македонија, истакна претседателот на Сенатот на Чешката Република, г.Соботка.

Click