СОБРАНИЕТО ВО ПРОЦЕСОТ НА ПРИСТАПУВАЊЕ ВО ЕУ
Политичкиот дијалог меѓу Собранието на Република Македонија и Европскиот парламент започна на почетокот на 1990-те години преку пратенички посети и средби во Скопје и Брисел.
На 17.11.1994 година, Европскиот парламент основа Делегација за односи со Југоисточна Европа одговорна за меѓупарламентарните односи со пет земји од регионот: Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Сојузна Република Југославија и Република Македонија.
Посебна група за соработка на Собранието со Европскиот парламент беше формирана на 17.07.1996 година, која одржа 9 редовни меѓупарламентарни средби во перидот 1996 до 2004 година.
Во април 1997 година се потпишаа Спогодбата за соработка меѓу Република Македонија и Европските заедници и Спогодбата во областа на транспортот, се ратификуваше во Собранието и стапи на сила во јануари 1998 година.
Собранието во 1998 година донесе Декларација за развојот на односите на Република Македонија со Европската унија, а во 2000 година Декларација за подигнување на нивото на односите на Република Македонија со Европската унија. Во декларациите, покрај истакнувањето на членството во ЕУ како стратешка цел на Република Македонија, се нагласи определбата за усогласување на македонското законодавство со законодавството на Унијата, контролата врз извршната власт во процесот на приближување кон Унијата, обезбедувањето договор меѓу политичките партии застапени во Собранието за клучните прашања во процесот, запознавањето на пошироката јавност со значењето на процесот на интеграција.
На 09.04.2001 година се потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ (ССА), на која Европскиот парламент даде согласност на 03.05.2001 година, а од страна на Собранието се ратификуваше на 12.04.2001 година.
На 18.04.2003 година, Собранието ја основаше Комисијата за европски прашања како матично работно тело кое ги разгледува прашањата поврзани со процесот на интеграцијата во Европската унија и да дава мислење за сите предлог-закони со кои се усогласува националното законодавство со правото на ЕУ. Комисијата за европски прашања учествува во работата на Конференцијата на комисиите за европски прашања на националните парламенти на земјите-членки на ЕУ (КОСАК).
Собранието на седницата одржана на 11.06.2003 година усвои Декларација за улогата на Собранието на Република Македонија во парламентарната димензија на Процесот за стабилизација и асоцијација.
На 13.02.2004 година Собранието усвои Декларација за поднесување барање за членство на Република Македонија во ЕУ, по што во април истата година следеше официјалното поднесување за барање на членство на Република Македонија во ЕУ.
На 01.04.2004 година, стапи на сила ССА, со што структурираниот дијалог меѓу државите кои имаа потпишано ваква спогодба со ЕУ се извршуваше на различни нивоа. Република Македонија се издвои од останатите земји во тоа време и излегува од Делегацијата за односи со земјите од Југостична Европа, по што воспоставува директни билатерални односи со Европскиот парламент, преку формирањето на Мешовитиот парламентарен комитет РМ-ЕУ чие основање произлезе од членот 114 од ССА.
На 22.03.2004 година, Република Македонија за време на Ирското претседателство со Советот на ЕУ, ја поднесе апликацијата за членство во ЕУ.
Собранието беше еден од иницијаторите за формирање на КОСАП-Конференција на парламентарните комисии за европски интеграции/прашања на државите од Процесот за стабилизација и асоцијација: Албанија, БиХ, Хрватска, Македонија, Србија и Црна Гора, основана на 17-18 јуни 2005 година во Сараево.
На 17.12.2005 година, Република Македонија се здоби со статус на земја кандидат за членство во ЕУ.
Собранието на седницата на 19.11.2007 година, донесе Одлука за основање на Национален совет за евроинтеграции. Националниот совет за евроинтеграции е единствено тело во земјата кој во себе обединува собраниски, владини и невладини претставници. Главна цел на ова тело е одржување на високо ниво на континуирана политичка поддршка на процесот на интеграција во Европската унија, постојан и вистински дијалог и стабилен политички консензус.
На 27.11.2007 година, Собранието усвои Резолуција за приоритетите при пристапувањето на Република Македонија во ЕУ и отворањето на преговори за членство во ЕУ. Во документот се дава целосна поддршка на Владата во исполнување на неопходните критериуми за членство во ЕУ и се изразува готовноста на Собранието за промовирање на реформите и достигнувањата на Република Македонија за што поскоро отпочнување на преговорите за членство во ЕУ.
На 15.12.2008 година, Собранието усвои Резолуцијата за приоритетите во 2009 година за пристапување на Република Македонија во ЕУ, во која се изложуваат главните приоритети на земјата и активностите од приоритет за Владата и за Собранието, потребни за исполнување на критериумите на патот кон полноправно членство на Република Македонија во ЕУ.
Собранието на седницата на 04.12.2010 година, донесе Декларација за поддршка на Резолуцијата на Европскиот парламент за Сребреница, од 15.01.2009 година.
Приклучувајќи се на земјите членки на ЕУ и на Европската унија во одбележувањето на 9 февруари - Европски ден за побезбеден интернет, Собранието врз основа на заклучоците од јавната расправа организирана од Мешовитиот парламентарен комитет РМ и ЕУ, на седницата на 01.03.2010 година донесе Декларација за побезбеден Интернет, во која се повикаа државните институции, цивилниот сектор и образовните институции да работат на подигање на свеста кај граѓаните за заштита на приватноста на Интернет, согласно праксата на земјите-членки на ЕУ.
Собранието на седницата на 01.03.2010 година усвои Резолуција за климатските промени. По заклучоците од Самитот во Копенхаген и информацијата за климатските промени во Република Македонија за период од 30 години, Собранието повика на координирана активност со Владата и другите државни институции и на соработка со заинтересираните невладини рганизации за ублажување на ефектите од климатските промени.
Собранието на седницата на 25.12.2017 година усвои Декларација за забрзување на реформските и интегративните процеси за зачленување на Република Македонија во Европската унија и НАТО.
Собранието на седницата на 20.07.2021 година донесе Резолуција за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции.
По повод Информацијата на Владата, за содржината на Предлог-преговарачката рамка за пристапните преговори на РСМ со ЕУ, предложена од Француското претседателство со Советот на ЕУ на 30.06.2022, Собранието на седницата на седницата на 16.07.2022 година донесе заклучоци.
Состанокот за билатерален скрининг за Кластерот 1 „Фундаментални вредности“ посветен на областа „Функционирање на демократски институции“, се одржа на 07.12.2022 година во Европската комисија во Брисел. Во состав на Делегацијата од Република Северна Македонија учествуваа и претставници од Службата на Собранието со презентации на три теми: транспарентност и отчетност, интегритет и ефективност.