Собраниско раководство



Вторник, 5 мај 2009 година

Обраќање на претседателот на Собранието, г. Трајко Вељаноски на свечена седница по повод одбележување на 60 години од основањето на Советот на Европа

Почитуван претседателе на Владата на Република Македонија и членови на Владата, почитувани колеги пратеници, екселенции, дами и господа "Јас ги гледам овие 12 ѕвезди како потсетник дека светот може да биде поубав ако имаме храброст одвреме навреме да погледнеме кон нив". Овие зборови пред 19 години од говорницата на Парламентарното собрание на Советот на Европа ги изрече Вацлав Хавел. Денеска, драги пријатели во Советот на Европа светат 47 ѕвезди кои обединуваат околу 800 милиони Европејци. Идеjата за обединета Европа и формирање на претставничко тело кое ќе биде овластено да зборува, односно дејствува во име на цела Европа потекнува уште од деветнаесеттиот век. По завршувањето на Втората светска војна се појавиле голем број на движења и организации кои се залагале за обединување на Европа. Во 1947 година овие групи се здружиле и го формирале "Меѓународниот комитет на движењата за европско обединување", чија цел била координирање на активностите и зголемување на ефикасноста на различните европски движења. Резултат на ова беше познатиот Конгрес во Хаг одржан на 17 мај 1948 година, познат како Конгрес за Европа.

Една година подоцна, поточно пред 60 години, во Лондон десет европски држави Белгија, Данска, Франција, Ирска, Италија, Луксембург, Холандија, Норвешка, Шведска и Обединетото Кралство го потпишаа таканаречениот Лондонски договор, со кој е формиран Советот на Европа. Со ова е направен првиот чекор кон остварувањето на онаа позната мисла, на еден од најголемите европски и светски државници сер Винстон Черчил -  "Нека биде создадена Европа", изречена во неговиот говор на Универзитетот во Цирих 1946 година. 

Дами и господа, пред 60 години кога е потпишан Лондонскиот договор, Европа се уште ги лекува длабоките рани што и ги нанесе една од најголемата трагедија во човековата историја - Втората светска војна.

Пред 60 години во Европа веќе беше спуштена "железната завеса" која ја подели Европа на слободни држави и народи и на народи и држави кои дури 40 години подоцна, со паѓањето на Берлинскиот ѕид ќе ја почувствуваат вистинската слобода и демократија. 

Навистина денеска кој било од нас тешко би можел да си ја престави Европа ваква каква што е да не беа визиите, но и храброста на Винстон Черчил, на Роберт Шуман, на Гаспари, Аденауер и ред други Европејци. Зарем не е визионерство, но и храброст ако во споменатиот говор, Винстон Черчил како услов за создавање на европското семејство, на прво место го става вистинското партнерство и пријателство меѓу Франција и Германија. Денес тоа пријателство е реалност и вистински пример за сите други држави како да ги решаваат историските антагонизми. 

Драги пријатели,

Основните цели на Советот на Европа се мирот, демократијата и човековите права. Вредности и принципи кои се неделиви и меѓу себе комплементарни. Токму затоа еден од првите документи коj е усвоен во Советот на Европа е Европската конвенцијата за заштита на човековите права и слободи донесена во Рим 1950 година. Почитувањето и спроведувањето на одредбите и принципите од оваа Конвенција денес се  sine kva non, без кои не можеме да зборуваме за човековите права, за демократија, а без ова нема ниту мир.  Затоа секое општество, секоја држава, секоја влада, ако сака да се идентификува како демократска мора доследно да ги почитува и имплементира овие принципи.

Денеска кога ја одбележуваме шеесетгодишнината можеме со гордост и задоволство да кажеме дека тие визионерски идеи и храброст станаа реалност.

Во овие 60 години на свoето дејствување Советот на Европа успеа да ги собере под заедничкиот покрив скоро сите држави од европскиот континент. Држави и народи со различна историја, култура, јазици, здружени околу заедничките интереси и вредности, а тоа се човековите права и слободи, демократијата и владеењето на правото.

Со своето дејствување Советот на Европа во изминатиот период се потврди и надвор од европскиот континент. Тој денеска претставува вистинска морална сила. Сила која во практиката  се манифестира преку Европскиот суд за човекови права, патем годинава ќе одбележиме 50 години од неговото постоење, понатаму  преку Комитетот на министри кој ги претставува владите на државите-членки, преку Високиот комесар за човекови права,  Венецијанската комисија, а секако преку Парламентарното собрание на Советот на Европа во кое се артикулираат интересите на 800 милиони Европејци преку 318 избрани претставници и исто толку нивни заменици. Споменав само неколку од институциите кои дејствуваат во рамките на Советот на Европа, а кој мислам дека се и најпрепознатливи. 

Дами и господа, почитувани пријатели, 

Како што реков на почетокот, пред 60 години во Европа веќе беше спуштена железната завеса. Република Македонија како конститутивен дел на некогашна СФРЈ, за жал, беше  од онаа страна на таа завеса во која човековите права, демократијата и владеењето на правото беа подредени на една идеологија.  

Со паѓањето на берлинскиот ѕид падна и таа идеологија, а во 1991 година почитувајќи ја волјата на своите граѓани изразена на референдум Република Македонија се осамостои, а притоа исполнувајќи ги сите оние услови и принципи со кои една држава се карактеризира како суверена и како самостоен субјект во меѓународната заедница. За жал, веќе на самиот почеток од стрaна на нашиот јужен сосед во меѓународната заедница беше наметнат апсурдниот спор со нашето уставно име. Спор кој уште на самиот почеток го забави нашето полноправно членство во меѓународните организации, а со тоа и во Советот на Европа. Од 1993 година Македонија е присутна во Советот на Европа со статус на специјален гостин, а во 1995 година станува полноправна членка.

Од добивањето на статусот полноправна членка Република Македонија активно учествува во работењето на сите институции кои се во рамките на Советот на Европа, но истовреме и одговорно ги остварува своите обврски кои произлегуваат од самото членство. 

Меѓу првите работи кои ги направивме беше потпишувањето и ратификацијата на конвенциите кои ги има усвоено Советот на Европа. Ќе ја споменам секако Конвенцијата за заштита на човековите права и слободи како и сите протоколи кои и следеа, а која ја ратификувавме 1997 година, па се до онаа последна ратификувана во овој дом во февруари оваа година, Конвенцијата за превенција на тероризмот. Но потпишувањето и ратификацијата би биле само мртво слово на хартија ако тие принципи и одредби од конвенциите или препораките не ги преточиме во законодавството а потоа и најважно во практиката. Дозволете да наведам неколку такви успешни законски проекти направени со помош на Советот на Европа. Првиот пример е законот за Омбудсман. Закон кој е тесно поврзан со човековите права и слободи, бидејќи ги штити граѓаните пред кршење на нивните права од страна на државните органи.   

Да потсетам неодамна овде го разгледувавме извештајот на Народниот правобранител и тоа, што е посебно важно се две димензии. Првата е дека Народниот правобранител како независна институција се повеќе ја јакне својата положба во целокупниот правен систем, а во истовреме е широко препознатлив меѓу граѓаните како институција која секогаш е на нивна страна. Понатаму со помош на Венецијанската комисија и нивната стручна помош и експертиза се донесени многу системски закони, ќе го споменам изборното законодавство, па до последните уставни измени кои ги направивме неодамна.  

Дами и господа, 

Човековите права и демократијата не се статична категорија. Напротив, тие се динамични категории кои постојано треба да се надградуваат. Република Македонија во овие години на самостојност и период на транзиција има забележителен тренд кој не идентификува како демократска држава во која се почитуваат човековите права и слободи и во која има владеење на правото. Ова е уште поважно за нас ако се има предвид дека македонското општество е мултиетничко, мултикултурно и мултиконфесионално. Дури и во оние најтешки периоди за државата и граѓаните, мислам на воениот конфликт од 2001 година, сепак демократските методи, а тоа беше дијалогот, го победија оружјето. Во тоа ни помогнаа и нашите пријатели и меѓународни иституции, при што голема улога имаше и Советот на Европа.   Сепак, ако ние сите како граѓани и како политичари не покажевме дека имаме демократски капацитет и дека сепак над се го вреднуваме животот и човековото достоинство, конфликтот можеше да има многу потрагични последици за сите нас, но и за регионот. Резултат на тој дијалог беше Рамковниот договор кој успешно го имплементиравме  нормативно, мислам на уставните амандмани и закони, а и во практиката.

Факт е дека во тоа имавме голема помош од меѓународната заедница и  секако од Советот на Европа, но морам да ја истакнам и улогата на Собранието на Република Македонија бидејќи токму тука во овој дом и во оваа сала се донесени сите закони и уставни измени кои призлегоа од Рамковниот договор. Притоа не мислам само на овој мандатен состав, туку и на претходните. 

Драги пријатели, 

Дијалогот како метод на решавање на отворените прашања, а тоа е еден од основните принципи врз кои почива и Советот на Европа, ние го прифативме и како метод за решавање на најапсурдниот проблем кој ни го наметна нашиот јужен сосед, а тоа е нашето уставно име. А токму фактот дека станува збор за апсурден проблем и преседан во меѓународната заедница тој  тешко се решава. Сепак ние не се откажуваме од дијалогот и преговори кои ќе доведат до решение. Република Македонија е подготвена на компромис, но тој компромис не може да биде на штета на нашиот национален, културен или јазичен идентитет.

Дами и господа, верувам дека не треба да потсетувам дека токму Советот на Европа во своето шеесетгодишно постоење има донесено повеќе конвенции и други документи кои се однесуваат на заштитата на националниот, културниот и јазичниот идентитет и на најмалите етнички заедници. Бидејќи токму тоа богатство на националности, култури и јазици ја дава моќта на Европа. Морам да потсетам дека токму заради овој апсурден спор Македонија не влезе како полноправна членка во НАТО иако сите знаеме дека за влез во Алијансата е потребно да се исполнат токму стандардите кои се однесуваат на човековите права, демократијата и владеењето на правото. Искрено се надевам дека сега кога очекуваме укинување на визниот режим и добивање на датум за преговори со Европската унија нема повторно да ни се случи тоа што се случи во Букурешт. 

Република Македонија, нејзините граѓани и институции тоа го заслужија, бидејќи си ги  исполнија своите задачи,  забелешки и препораки. Дали некој нема храброст, да го парафразирам големиот Европеец Хавел, да погледне нагоре во оние 12 ѕвезди на знамето на Советот на Европа, дали некој ги заборавил зборовите на Шуман дека здружена Европа ќе може да се создаде само ако се почитува принципот на солидарност, останува да видиме.  

Драги пријатели,  

Во овие 60 години бележиме динамични и историски промени во Европа. Но динамиката на светот, а со тоа и на нашиот континент продолжува и носи нови предизвици. Во моментов секако најголем предизвик за сите нас е светската економска криза, која директно погодува милиони граѓани во Европа, но и во светот. Одговори на тие предизвици како и досега ќе ги бара и убеден сум дека ќе ги даде и Советот на Европа. Ова го велам од причина дека економската криза директно ги погоди и основните социјални права кои се дел од општите човекови права. Во исто време сум убеден дека Советот на Европа и неговите тела, од Судот за човекови права, Министерскиот совет, Венецијанската комисија, па се до Парламентарното собрание, ќе продолжат успешно да работат за добробит на 800 милиони Европејци, а со тоа и на целиот свет. Дозволете на крајот да ги цитирам зборовите на претседателот на Парламентарното собрание господин Луи Мариа де Пуч:   

"Пред 60 години основачите на Советот на Европа моќта ја црпеа од своите соништа. Денеска нашата моќ е реалност која произлегува од сите држави на континентот, здружени заедно. Ајде оваа моќ да не ја трошиме залудно, туку во нејзината вистинска големина".  
 
Ви благодарам

Click